Германските банки станаа алергични на штедење

Германците каде сакаат нека ги носат парите само да не ги товарат на своите сметки во германските банки, е молбата баш на германските банки.

Иако Европската централна банка веќе со години има негативни каматни стапки, паниката околу пандемијата и дополнителното штекање пари на сметка, ги натера германските банки да почнат да наплаќаат директен надомест за ставање пари на сметка.

Дојче банк и Комерцбанк на новите комитенти почнаа да им наплаќаат по 0,5% годишно доколку сакаат да им чуваат големи суми. Објаснувањето на банките е дека повеќе не можат да ги апсорбираат негативните каматни стапки од ЕЦБ, а колку повеќе депозити имаат, толку повеќе пари мораат да „паркираат“ во централната банка.

Како што пишува Вол стрит журнал, ова значи дека банките во основа намерно ги бркаат муштериите, што во пракса е доведено до таму што банките на муштериите им даваат он-лајн алатки за да можат да ги префрлат парите на друго место.

Иако ЕЦБ уште од 2014 ги има воведено негативните стапки, европските банки сето ова време главно одбиваа да ги префрлат трошоците врз депонентите.

Сето ова некако се трпи до пандемијата кога од една страна депонентите добиваат помош од државата, од друга страна седат дома и помалку трошат, отколку што вообичаено би трошеле. Вол стрит журнал го дава примерот со 34-годишен директор на компанија за финансии, кој добива известување од својата банка дека ќе почне да му наплаќа по 0,5% за сите пари што ги има на сметка над границата од 100.000 евра. За да ги избегне овие давачки, парите затштедени од неодење никаде и не трошење по ресторани и одмори, човекот префрла околу 60.000 евра во банка во Италија и банка во Шведска. Тој за Вол стрит журнал изјавил дека не ни памти како му се викаат бнаките, затоа што во Европа гарантирани се сите депозити до вредност од 100.000 евра.

Моментално 237 банки наплаќаат негативна камата во Германија која се движи од 0,4 до 0,6 проценти, за депозити меѓу 25 и 100 илјади евра. Според ЕЦБ, 30% од сите заштеди на приватни лица во еврозоната се од Германија. Минатата година депозитите пораснаа за 6% и моментално изнесуваат рекордни 2.550 милијарди евра.

2 март 2021 - 11:37