Евергранд, кинескиот градежен џин што брои ситно до пропаст

Компанијата има стотици илјади станови низ Кина, има и илјадници Кинези кои уплатиле стан кај нив и чекаат, ама има и долг од над 300 милијарди долари, и крајниот исход од сето е многу блиску до банкрот.

Како што кинеската економија галопира Евергранд со години рапидно се шири и купува и гради недвижности, ама овој напредок се базира на постојано задолжување, кое на денешен ден изнесува 300 милијарди долари.

Компанијата последниов период постојано има проблем да им плати на своите добавувачи, и два пати во последниве недели ги предупреди инвеститорите дека може да се случи да не е во состојба да ги плати своите долгови.

Откако со месеци има константен пад на продажбата, Евергранд неделава објави дека очекува и во септември продажбата да продолжи драстично да паѓа.

Стравот е дека пропаста на компанијата ќе има сериозно влијане на целосната кинеска економија, но и дека ударот веројатно ќе се прошири и надвор до земјата.

Банките веќе реагираа, па неколку поголеми кредитори одлучија да не даваат нови кредити за купувачите на два големи резиденцијални проекти на Евергранд. Во исто време кредитниот рејтинг на компанијата неколку пати е намален заради проблеми со ликвидност.

Веќе во неколку градови низ Кина избија протести на гневни купувачи на станови и инвеститори, а во понеделникот околу 100 инвеститори упаднаа во главното седиште на Евергранд во Шензен, и бараа исплата за заостанатите долгови.

Процените на аналитичарите се дека Евергранд моментално работи на убедување на добавувачите да прифатат недвижности како исплата за долговите, како би можел да ја зачува расположливата готовина за плаќање на кредитите.

Според извештајот од август, Евергранд во следните 12 месеци треба да исплати 37,16 милијарди долари во сметки и долгови, од кои околу 15,5 милијарди му се до крајот на годинава.

Проблемите на Евергранд стануваат неподносливи минатата година кога Кина воведува нови правила за тоа колку градежните компании можат да позајмуваат, кои ограничуваат колку долг може да има компанијата во однос на нејзиниот прилив на средства, имот и капитал.

Цената на акциите на Евергранд годинава падна за речиси 80%, а трговијата со обврзниците на компанијата во повеќе наврати беше стопирана на кинеските берзи. Акциите и обврзниците на Евергранд се вклучени во берзанските индекси на повеќе берзи низ Азија.

Евергранд е втората по продажба градежна компанија во Кина, која поседува над 1.300 проекти за недвижности во 280 градови во Кина. Нејзиниот огранок за одржување на недвижности (куќен совет) менаџира над 2.800 проекти во повеќе од 310 градови во Кина.

Компанијата има 200.000 вработени, но се проценува дека индиректно создава над 3,8 милиони работни места секоја година.

17 септември 2021 - 14:20