Брисел развива трговска стратегија во неколку чекора за справување со Доналд Трамп, спремајќи за него брз одговор ако се одлучи за казнени тарифи.
Официјалните претставници на ЕУ сметаат дека пристапот „морков и стап“ е најдобар одговор за ветувањето на Трамп дека ќе воведе царина од минимум 10 проценти, што според нив може да го намали извозот од ЕУ за околу 150 милијарди евра годишно.
Преговарачите планираат да се сретнат со тимот на Трамп (доколку победи на изборите во ноември), пред да ја преземе функцијата, за да му понудат листа на американски производи кои ЕУ би можела да ги купува во поголеми количини. Ако трговските разговори пропаднат и Трамп примени повисоки царини, одделот за трговија на Европската комисија подготвува списоци на увезени производи што би можеле да ги репнат со царини од 50 проценти или повеќе.
Првиот мандат на Трамп беше тежок за ЕУ, која има значителен трговски суфицит со САД. Откако во 2018 година, во име на националната безбедност Трамп воведе царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ од 6,4 милијарди евра, ЕУ возврати со ребалансирање на царините во вредност од 2,8 милијарди евра.
При осмислувањето на мерките, Брисел одлучи да ги таргетира главните гласачи на Трамп (републиканците) со високи царини за бурбон виски, мотоцикли Харли-Дејвидсон и моторни чамци. Тие тарифи подоцна беа суспендирани откако администрацијата на Бајден ги паузираше царините за метали.
Во тие големи трговски битки има доста „пазарџиски“ детали. На пример, за време на првиот мандат на Трамп, Брисел од давачки го поштеди јастогот, главниот производ на државата Мејн, која му е изборно важна на Трамп. За возврат, САД за половна ги намалија тарифите за низа производи, вклучувајќи кристални чаши и запалки, а подоцна и говедско месо и соја, за да се одоброволат гласачите на Трамп од средниот Запад.