И покрај критиките дека имаат издишано со креативност во споредба со почетокот на минатата деценија, Епл почна да регрутира луѓе за својата сопствена маркетинг агенција која се очекува да има околу 1.000 вработени.
До минатата есен, маркетинг тимот броеше околу 300 луѓе, а тогаш беше одлучено тој да се зголеми на 600. Одлуката да се заокружи на 1.000 беше неодамна донесена. За споредба Creative Lab на Гугл, кој е одговорен за некои од најпрепознатливите реклами на компанијата, брои нешто помалку од 100 луѓе, од кои не се сите вработени на полно време.
За екипирање на агенцијата, Епл веќе собра неколку директори на TBWA/MAL, меѓутоа има сериозен проблем со прибирање на целиот талент што го посакуваат. Моментално впечатокот меѓу агенциите е дека Епл се обидува секого да ангажира, ама не им оди. Една причина е ставот дека Епл повеќе не е ни приближно револуционерна и креативна како на времето. Втора препрека во привлекувањето на потребниот талент е цената на живеење во Купертино. "Знаете ли колку е скапо во Купертино? Само провери ги цените за сместување. Ни на плата од Епл нема да биде лесно," изјавил за Ад Ејџ неименуван директор на маркетинг агенција.
Од времето на "Think Different" кампањата, Епл спадна на тоа за време на Олимпијадата 2012-та да мора да ги повлекува "Genius bar" рекламите заради грешки во кампањата. Во исто време, револуционерноста на Епл, полека бледее во споредба со кампањите на неговите главни ривали: Гугл и Самсунг, кои почнаа многу подобро да го владеат маркетингот, и повеќе не чувствуваат страв од Епл.
Паралелно со проблемите што ги имаат со маркетинг, Епл продолжи да го зголемува буџетот за рекламирање, па од 1 милијарда долари потрошени во 2012-та, во 2013-та потроши 1,1 милијарда долари.