Економијата страда заради мирот во светот

На сите фактори кои се виновни за бавниот раст на економијата, се приклучи и еден фактор на кој работи целата планета и секоја можна мисица - мир во светот, односно "упорноста и очекувањето на мир."

Иако низ светот постојано има некакви "воени жаришта," (Ирак, Јужен Судан, Сирија...) сите тие бледнеат кога ќе ги споредиш со десетиците милиони луѓе убиени во првата половина од 20-от век, дури и Виетнам има многу повеќе жртви отколку која било друга војна што вклучува голема држава.

"Иако звучи контраинтуитивно, ама зголемената мирољубивост низ светот го прави постигнувањето на повисоки стапки на економски развој помалку ургентно, а со тоа и помалку веројатно. Ова гледиште не тврди дека водењето војни ја подобрува економијата, секако дека сегашните конфликти носат смрт и уништување. Тврдењето исто така се разликува од кејнзијанскиот аргумент дека подготовката за војна го зголемува владиното трошење и ги вработува луѓето. Туку, самата веројатност за војна го фокусира вниманието на владите на носење на правилни основни одлуки - без разлика дали тоа е за инвестирање во наука или либерализирање на економијата. Таквиот фокус завршува со подобрување на долгорочните проспекти на нацијата," пишува Тајлер Ковен во Њујорк Тајмс.

Како примери тој ги наведува нуклеарната енергија, компјутерите, и модерните авиони, сите изуми откриени под притисок на американската влада желна за победа против Оската, а подоцна и во Студената војна. На Менхетен проектот му се потребни 6 години за да дојде до функционална атомска бомба, притоа почнувајќи од нула. Во пикот, за проектот се одделуваат 0,4% од вкупниот економски производ на земјата.(Интернетот е направен за да ги поврзе сите локации со нуклеарки низ САД).

Во книгата "War! What Is it Good For? Conflict and the Progress of Civilization From Primates to Robots." професорот по историја од Станфорд, Иан Морисон, објаснува дека во голем број случаи, како Римската Империја, европските држави во време на ренесансата и денешните САД, има докази дека подготовките за војна го зголемуваат бројот на технолошки изуми и носат поголема стапка на социјален ред.

Во друга книга, "War and Gold: A 500-Year History of Empires, Adventures, and Debt," авторот Кваси Картенг дава сличен аргумент. Според него финансиите што и се потребни на власта за водење на војната помагаат во развивање на монетарни и финансиски институции, кои го помагаат растот на Западот.

И покрај сите овие "про" аргументи за војна, на Ковен му е јасно дека денес поинаква е математиката.

"Кој и да бил економскиот ќар од потенцијалниот конфликт, денес пресметката е поинаква. Технологиите станаа многу подеструктивни, па голема војна би била поголема катастрофа од порано. Заради ова голем број војни стануваат помалку веројатни, што е добра работа, ама исто така ја прави економската стагнација поверојатна...

Живеењето во свет со мир и 2% раст на БДП има одредени големи предности кои не ги добиваш во свет со раст на БДП од 4% и повеќе воени жртви. Економската стагнација може не е нешто многу импресивна, ама тоа е нешто што никогаш не им успеа на нашите предци. Вистинското прашање е дали можеме да направиме нешто подобро, и дали скорешната распространетост на мирот е само привремен балон кој чека да биде дупнат," пишува Ковен.

16 јуни 2014 - 17:18