Со предлог-законот за големите банки доставен до Парламентот, од УБС се бара да издвои дополнителен капитал како покритие за обемните операции во странство. Банката проценува дека ова зголемување би ја чинело околу 16 милијарди долари.
Управата на UBS веќе ангажирала советници за плановите за вонредна ситуација. Како можни опции се наведуваат спојување со европски конкурент, преселба на седиштето во САД, па дури и продажба на американска компанија која е заинтересирана за богата клиентела.
Швајцарските законодавци сметаат дека се потребни построги мерки за заштита од банкарски колапс, кој би можел да предизвика криза на државниот долг.
Во 2008 година на УБС му беше потребна државна помош од над 50 милијарди долари, поради изложеноста на „токсични“ американски хипотекарни кредити. Законите се покажаа како недоволно ефикасни кога Credit Suisse беше пред колапс во 2023 година. УБС тогаш го купи Credit Suisse, но спојувањето поттикна стравувања дека Швајцарија би можела повторно да се соочи со потребата да спасува банки со државни средства.
УБС сега располага со 1.700 милијарди долари, што е еднакво на околу 150% од БДП на Швајцарија. За споредба, кај најголемата американска банка тој сооднос е 15%.
Ризикот за банката е дека заминувањето од Цирих би го загрозило нејзиниот „швајцарски карактер“. Историјата на „Union Bank of Switzerland“ датира од 1862 година. Во 1998 година стана втора по големина во светот според вредноста на средствата, откако се спои со „Swiss Bank Corporation“, формирајќи ја денешната институција.
Швајцарија, пак, би останала без последната од големите банки кои историски го дефинираа нејзиниот идентитет како земја која нуди дискреција и безбедност на парите и златото на глобалната елита.
Министерката за финансии Карин Келер-Сатер, која е главен иницијатор за воведување на построгите капитални барања, изјави дека за УБС би било поскапо да замине отколку да остане. Анкетите покажуваат дека јавноста ги поддржува построгите мерки за банките.
УБС сака да биде глобална банка, додека граѓаните сакаат да биде локален партнер за малите бизниси и да функционира како локална штедилница. Сведоци сме на игра „кој прв ќе попушти“, објаснува Штефан Леге, професор за даночна и трговска политика на Универзитетот во Санкт Гален.
******
Види и: УБС ја купи Кредит Свис за да го спаси глобалниот банкарски систем