На неколку недели пред завршувањето анти-субвенциската истрага за кинески електрични возила што ја води ЕУ, аналитичарите од Родиум груп препорачуваат дека се што Унијата подготвува како казна за Кина, најверојатно ќе биде премногу слабо за да ги одврати кинеските производители.
„Очекуваме Европската комисија да наметне дополнителни давачки во износ од 15 до 30 проценти. Меѓутоа дури и да се реши да оди на горната граница од овој опсег, дел од кинеските производители и понатаму ќе можат да генерираат комфорен профит на автомобилите што ги испорачуваат во Европа, заради ценовната предност што ја уживаат,“ се порачува во извештајот на Родиум.
Наместо ова, аналитичарите на Родиум се на став да се наметнат давачки во износ од 40 до 50% па и повеќе, за компании како БЈД, за европскиот пазар да стане неатрактивен за кинеските извозници на електрични возила.
Пример, Сиал У моделот на БЈД во Кина се продава за 20.500 евра и компанијата на тоа има ќар од 1.300 евра. Во Европа истото возило се продава за 42.000 евра и на него компанијата има профит од 14.300 евра, „што и дава силен поттик да извезува.“
Во моментот на увезените коли се плаќа стандардна ЕУ тарифа од 10%, што излегува околу 2.100 евра од возило. По пресметките на Родиум, ако на ова возило ЕУ му стави дополнителни 30% давачки, тоа на компанијата ќе и остави ќар од 4.700 евра во споредба со профитот во Кина.
Плус на ова е дека БЈД би можел и да ги намали цените во ЕУ со цел да ги исполни своите таргети за зафаќање на 5% од пазарот во ЕУ до 2025 и 10% до 2030.
Увозот на електрични возила од Кина (кинески производители и не кинески со фабрики таму) во ЕУ пораснал од 1,6 милијарди во 2020 на 11,5 милијарди долари во 2023.
Предложените тарифи на Родиум би важеле и за не кинески брендови како Тесла кои извезуваат од своите фабрики во Кина и потенцијално би го збришале целиот нивен профит.
На крајот од 2023 производствениот капацитет на БЈД беше 2,9 милиони електрични возила. По сите инвестиции на компанијата, до 2026 се очекува ова да достигне 6,6 милиони возила.
Унијата стана префериран пазар за кинеските електрични возила откако повеќе држави, како САД, веќе воведоа тарифи и ограничување на нивниот увоз.
ЕУ би можела да воведе привремени давачки во скоро време, додека за трајни давачки за кинески електрични возила ќе треба да се чека до ноември.
Родим смета дека ЕУ би можеле да го ограничат увозот на кинески возила и по други основи, пример безбедност, имајќи предвид колку податоци собираат кинеските возила, или пак Унијата да ги засили субвенциите за моделите произведени на европско тло.