„Во чисто правна смисла, единствен правилен одговор е да се дозволи Бугарија да се приклучи кон еврото. Не само што Бугарија е обврзана да го направи тоа според условите за нејзино приклучување кон ЕУ туку веќе ги исполнува сите критериуми,“ пишува Симон Никсон во текстот за Вол стрит журнал.
Меѓу аргументите во корист на бугарското приклучување на еврото е што курсот на левот повеќе од 20 години е врзан со германската марка а потоа и со еврото, притоа без воопшто да скршне. Земјата има буџетски суфицит, јавниот долг е само 25% од БДП-то, а инфлацијата е само 1,8% во согласност со таргетите на Европската централна банка.
„Всушност, Бугарија повеќе ги исполнува општите правила за приклучување кон еврото отколку најголемиот дел од земјите кои веќе го имаат воведно,“ објаснува Никсон.
Аргументите на противниците на претопувањето на левот во евро, се дека бугарската економија е премногу слаба за да функционира рамо до рамо со моќни економии како Германската - и дека приклучувањето ќе создаде исти проблеми како оние што ја снајдоа Грција по преземањето на еврото и останати финансиски нестабилни земји од еврозоната.
Во ваквите пресметки секогаш е присутна високата стапка на корупција и слабостите на судскиот систем (две ставки во кои Бугарија има подобри оценки отколку нас) „кои би го изложиле на ризик остатокот на блокот“.
Бугарската страна не е согласна да ја споредуваат со Грција и нејзиниот јавашлук по приклучувањето на еврото. Од таму објаснуваат дека по воведувањето на еврото Грција ги уништува сопствените јавни финансии и ја поткопува конкурентноста преку масовни вработувања во јавниот сектор и обемни пензиски бенефиции. Дури и откако Грција банкротираше и бараше пари за спас и најголемо отпишување на долговите во историјата земјата се спротивстави на мерките за штедење.
Наспроти нив Бугарите повеќе од 20 години тераат политика на строга фискална дисциплина по колапсот од 1996, а и покрај нискиот стандард и слабостите во образованието и здравството, бугарскиот модел на ниски даноци и балансиран буџет „ужива зачудувачка поддршка од сите партии.“
„Фискалната дисциплина е како религија во Бугарија,“ изјавува министерот за финансии Владислав Горанов.
Самите Бугари ја прифаќаат вината околу корупцијата, притоа порачувајќи дека и ЕУ не е така чиста на темата и посочуваат на бројките од минатата година според кои само 27% од Бугарите изјавиле дека корупцијата им влијае на секојдневниот живот, споредено со 58% во Шпанија, 50 на Кипар и 46 во Грција.
Што се однесува на евентуалното мешање на руските банки во бугарскиот банкарски систем, финансиските власти објаснуваат дека 70% од банките во земјата се подружници на финансиски институции од Унијата, и дека како и кај секоја членка на еврото и во Бугарија системот ќе биде под надзор на Европската централна банка.
„Дозволувањето Бугарија да се приклучи ќе ја засили анксиозноста во јадрото на ЕУ, меѓутоа отфрлањето на нејзината апликација преставува ризик од продлабочување на две големи пукнатини во ЕУ: кризата на доверба која произлегува од перцепцијата дека ЕУ е станата толку политизирана што правилата повеќе не се спроведуваат конзистентно; и растечката поделба исток-запад која ја одразува грижата дека централните и источноевропските држави се третираат како членки од втора класа.
’Ако не им се допаѓаат правилата, тогаш треба да ги сменат,’ изјави еден висок бугарски функционер,“ пишува Никсон.