По краток период на релативен мир, најверојатно од тоа што секој што може да води војна на Балканот се умори од водење војна, Лес проценува дека Балканот пак врие, делумно од лошата економска состојба, делумно од незадоволство од актуелните влади, и сето ова несебично поткрепено од подемот на Вахабизмот меѓу муслиманската популација.
Во историската анализа на регионов, поранешниот британски дипломат во БиХ, објаснува дека на Балканот немало војна кога бил поробен (од Отоманската империја), или кога бил под хегемонија на некоја голема светска сила.
Фаст-форвард на изминатите 15 години, како што ЕУ се нечка околу Западен Балкан, а Западен Балкан нема намера да почне разумно да се однесува, Унијата под притисок од евро-кризата речиси комплетно го става на пауза своето внимание кон регионот и каква било намера да се продолжи со ширењето.
"Како што гасењето пожари и менаџирањето на кризи стана стандард, така ЕУ престана да се шири. Со толку многу проблеми за решавање, последно нешто што и требаше на Европа е да прими збир на корумпирани, осиромашени и етнички поделени држави, сите со моќ за потенцијално ставање вето и обврска за прифаќање на еврото...
... Сето ова имаше влијание на регионот, кој ова го протолкува како затворање на мостот кон Европа...
... Ова го промени балансот меѓу ризикот и можностите кај оние кои сакаа да се приклучат. Зошто да продолжиме со реформите, посебно што тоа значи сериозни економски болки? Дали ЕУ воопшто е местото каде што посакуваме да сме?" пишува Лес во текстот за Њу стејтмен.
Според него ова е и причината зошто држави како Македонија и Србија одлучија да се свртат кон новите економии како Турција, Русија и Кина.
Лес тука доаѓа до делот во кој Балканот има мир само кога е под нечија власт, а со обостраниот неуспех во приклучувањето на Унијата, моментално никој го нема управувачкиот пакет во регионот.
Вклучувајќи ја Русија во пресметките, посебно со нејзиното влијание по основа на православие во Србија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Грција и посебно Босна, Лес го објаснува следниот апокалиптичен тек на настани за Балканот. Клучно во сето ова е вонредната поддршка што Русија му ја дава на Милорад Додик и неговото владеење со Република Српска.
Лес не верува дека Русија нешто посебно се труди да направи каков било преврат во регионот, туку многу повеќе го чува како џокер во случај Западот да ја притисне околу Украина.
"Москва може да започне сериозна криза која го вклучува ЕУ и НАТО, со тоа што ќе им даде зелено светло на босанските Срби (за отцепување).
Од тука започнува домино ефектот. Отцепувањето на Република Српска ќе го отвори прашањето на српските граници и ќе ги поттикне косовските Срби да се одвојат од албанската популација на Косово. Ова ќе го испровоцира албанското малцинство во Србија, кое живее во енклава што граничи со Косово, да се отцепи од Белград. Потоа македонските Албанци ќе се обидат да се одвојат од своите словенски сограѓани, поттикнувајќи го создавањето на 'Голема Албанија'. Босанските Хрвати ќе сакаат да ја интегрираат својата територија со Хрватска. А голем број во Црна Гора ќе сакаат поблиски односи со проширената српска држава. Западот несомнено ќе одбие да признае што било од ова со цел да спречи насилство, меѓутоа фактите на теренот ќе зборат сами за себе.
Секој нов балкански конфликт ќе привлече со поширок број на ученици. Русија нема да стои на страна и да дозволи други да решаваат за исходот, бидејќи многу им зависи од тоа. Страдањето на муслиманите Бошњаци и Албанците ќе привлече странски џихадисти, како што тоа се случи во војните во 90-те - само во поголеми бројки, имајќи го предвид растот на исламизмот во Европа и Блискиот Исток.
Во меѓувреме, неколку ЕУ држави ќе се борат за да избегнат вмешување. Хрватска, која неодамна прифати далеку понационалистички ставови, неизбежно ќе мора да интервенира во Босна во корист на хрватската популација. Бугарија и Грција ќе бидат заинтересирани за иднината за остатокот од Македонија по заминувањето на Албанците.
Сето ова води до отрезнувачки заклучок. Како што ЕУ ја губи својата доминантност на Балканот, така и нерешениот национализам на регионот се враќа на површината поткрепен од општото незадоволство. Балканот има потенцијал да ги втурне своите проблеми во Европа, мешајќи ја ЕУ во нова, потенцијално насилна регионална криза. Ова може нема да се случи утре, ама како што бледее влијанието на ЕУ, денот се повеќе се ближи.
Идеално, ЕУ би ја избегнала оваа можност преку средување на внатрешните проблеми, оживувајќи ја целта за проширување и стабилизирање на регионот преку интеграција, како што цело време беше планот. Сепак, како што стојат работите, ова изгледа само како желба," пишува Лес.