CarGo е српска реплика на познатата компанија Убер и досега има регистрирано 30-тина возила. Регистрирана е за консултантски дејности во областа на информатичките технологии бидејќи како што вели еден од сопствениците, тие не превезуваат патници, туку само ги спојуваат оние на кои им треба превоз и оние кои го нудат. На тој начин, фирмата не потпаѓа под законите за патнички сообраќај и засега нема проблеми ни со институциите ниту со таксистите. Возат за 50 посто поевтино од таксистите.
Убер е американска компанија која брзо стана меѓународна и како алтернативна транспортна мрежа денеска функционира во 60 земји од светот и вози во преку 300 градови. Од почетните 200.000 долари, нејзината вредност денес изнесува фрапантни 50 милијарди долари. А попат ги собра сите проблеми на фирма што пребрзо расте, лоша репутација, скандали, несанодлив менаџмент и сл.
Нарачувањето возила се одвива преку мобилна апликација при што можат да се види каде се наоѓаат слободните возила и кој модел се тие, кои се возачите кои се во близина и претходни коментари на нивната услуга. А се работи за обични граѓани без лиценци за такси превоз кои се нудат во своето слободно време да пренесуваат сограѓани. Претходно треба да минат низ проверка дали возачот и возилото одговараат на стандардите. Плаќањето се врши онлајн а Убер во Индија го тестира и плаќањето во готово.
Природен непријател на Убер се таксистите кои со себе имаат неколку валидни аргументи околу стандардите на превозот, плаќањето, сигурноста на патниците, давачките кон државата и нелојалната конкуренција и за сето ова водат судски парници во дузина земји. Некаде ги имаат завршено во своја полза па Убер е забранет делумно или целосно во некои градови во Индија, Јапонија, САД, Австралија, Шпанија, Германија....
Во Франција големи протести предизвика услугата UberPop која и овозможуваше на физички лица да пренесуваат патници а сервисот беше забранет дури откако беа уапсени двајца менаџери на компанијата.
Освен со законите, Убер има проблеми и со медиумската слика за нивните услуги: Во Австралија возач и патничка се испокарале околу рутата по која да се дојде на дестинацијата, таа излегла, овој малку ја прегазил. Во Њу Делхи нивен возач силувал патничка, исто се има случено и во Лос Анџелес. Лани Салон објави сторија за жена возач на Убер која се откажала заради условите на работа: апликацијата не сакале да ја инсталираат на нејзиниот смартфон туку на службен Ајфон што морала да го плаќа на рати.
Од Убер се сомневаат дека дел од ваквите приказни намерно им ги мести конкуренцијата. Тие повторуваат дека на луѓето им даваат можност да направат избор меѓу стандардно такси и нивните фриленсери. Погодност е и тоа што плаќањето се врши онлајн па не е потребно да се им кеш во себе.
Во нашиот регион, освен во Бугарија каде што веќе се разгледува можноста да биде укинат, Убер функционира во Романија и Унгарија а се најавува влез на компанијата и во Хрватска.
А ние, ние доцневме на АВНОЈ, не па за ова.
Бонус видео:
Како таксист во Отава им се заканува на возач на Убер и неговиот патник: