Моментално на продажба се околу 20 острови, а нивната цена може да се движи од неколку до над 100 милиони евра, во зависност од тоа дали има основна инфраструктура како вода за пиење, струја, а во некои случаи и објекти за јахтата. Најголемиот дел од островите не се воопшто развиени и комплетно се напуштени.
Грција моментално располага со 6.000 острови и островчиња, и крајно компликувана процедура за продавање. Прво најголемиот дел од островите не дозволуваат градење и има тежок пристап до нив, а и да најдеш некој кој што ќе одговара има 32 бирократски чекори што треба да ги минеш, пред да добиеш дозвола. Меѓу условите треба да докажеш и дека нема да бидеш закана за националната безбедност на земјата.
Во својата анализа Вол Стрит Журнал објаснува дека дополнителен проблем е што во Грција сите плажи се јавни, што значи дека без разлика колку е далечен или скап островот, кој било може да се појави со јахта и да се сонча кај тебе на плажа.
Дополнителен проблем е што дел од пустите острови и не се комплетно ненаселени. Весникот ја пренесува приказната на грчкиот бизнисмен Јанис Перотис, кој откако купил остров во јонското море, на кој сакал да гради ресорт вреден над 300 милиони долари, потрошил повеќе од 2 години за да исели еден овчар и неговото стадо од островот.
Освен тоа што голем број од сопствениците на острови (по наследство) заглавија во кризата, дополнителна инспирација за продавање е и тоа што Грција (под притисок на ММФ) годинава за прв пат воведе перманентен данок на недвижности.
"Имам муштерии кои ми бараат што е можно побрзо да продадат. Велат дека не можат да го издржат даночниот товар. Најголемиот дел од нив мразат што имаат наследено остров," објаснува за Вол Стрит Журнал еден агент за недвижности од Крит.