Југословенските „Момци од Медисон“

Во прашање е бизнис-ориентација, а не филозофија на потрошувачко општество, гласеше мотото под кое загрепската маркетинг-агенција Озеха од 1945-та на југословенските претпријатија им го продаваше капитализмот спакуван како социјализам.

Озеха, која успешно и креативно го пребродува целиот животен век на Југославија, згаснува во 1995-та. За време на своето постоење Озеха има свои филијали и во Риека, Сплит, Белград, Сараево и Скопје, и „за разлика од останатите држави зад железната завеса, таа наоѓа начин во социјализмот да делува во склад со водечките маркетиншки трендови на Западот“.

Периодов во Загреб се одржува изложба во нивна чест, која нејзината организаторка ја објаснува како „одговор на изненадувачките ставови дека маркетинг и маркетиншкото обликување во Хрватска се јавуваат во 90-ти години од минатиот век со воведување на либералното државно уредување и доаѓањето на големи странски маркетинг-агенции и странски компании“.

За влијанието што Озеха го има врз генерациите југословенски потрошувачи, пишува американскиот историчар Патрик Хајдер Патерсон, кој утврдува дека во 1950-те маркетинг-експертите во Југославија го трансформираат рекламирањето и маркетингот од „сомнителна капиталистичка пракса во очигледна потреба за напредно и рационално производство и дистрибуција. Тоа го постигнуваат прикривајќи го комерцијалното огласување со терминологија и категории што веќе имале легитимитет во југословенскиот социјализам, нудејќи во основа бизнис-рекламирање кое само површински е социјалистичко“.

Озеха (Огласни завод Хрватске) основан е 1945 по иницијатива на Душан Маврош, кој уште во 1928 работи во загрепската филијала на берлинската агенција на Рудолф Мосе и идентично го копира начинот на работа на агенцијата, „преку неа обликувајќи ги првата генерација домашни експерти за огласување“.

Агенцијата бизнисот го почнува со изработка на кинореклами, па новински огласи и радиореклами. Во 1950-те и 1960-те сè повеќе се специјализираат, па во нивниот склоп влегуваат и архитекти што нудат проектирање и внатрешно уредување на саемски изложби или продавници. Во 1965 го добиваат одделот за маркетинг, а уште од 1956 имаат одел за испитување на пазарот. Преку него, до 1991 тие реализираат над 300 проекти „нудејќи им го на клиентите она што денес се нарекува двонасочно комуницирање, интегриран маркетинг“.

По тестирањето на пазарот во 1973, тие му предлагаат на Вартекс да го редизајнира своето лого. Во 1971-ва прават кампања за Панонска пивара на Подравка и нивниот нов бренд на пиво Панониа пилс, за кој изработуваат и слоган.

„Снимени се и тестирани четири предлози  (1. ... za žeđ i užitak; 2. ... od prvog gutljaja znate zašto; 3. ako je do užitka...; 4. naše čaše dočekaše...), а се покажа дека последното 'Naše čaše dočekaše Panonia Pils' кај испитаниците побудило најдобри асоцијации и дека најлесно се памти. Кампањата ја започнуваат со тизери 'Подгответе ги вашите чаши', за една недела подоцна да пуштат втор тизер 'Дали ги подготвивте вашите чаши', по што започнува и презентацијата на новиот бренд со слоганот 'Нашите чаши дочекаа Панонија пилс'," пишува Тина Барбариќ за Експрес.

Тие работат и на лансирањето на брендот за овошни сируп-сокови Дона, кој наспроти комплетната дотогашна праска, има етикети со црна боја.

Нивната соработка со главниот дизајнер на Борово, Душан Бекар, е една од причините зошто компанијата се решава од производство на гуми да ја прошири својата дејност и на Боросани, Стартас чевли.

За време на нивното постоење работат речиси со сите поголеми југословенски брендови и странски брендови дојдени на пазарот на СФРЈ, од Ева и Минас кафе, до Пепси.

„Иако уште во Југославија тие вршат низа работи што и ден денес имаат звучни странски имиња, како Пиар (односи со јавност) и мерчендајзинг (унапредување на продажното место), за Озеха денес нема многу сочувани податоци“, пишува Барбариќ.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

19 декември 2016 - 12:57