Веќе не знам како се бадијалџи на интернет

Форумите се испразнија, блоговите се испозатворија, а гласникот на нивната смрт, Твитер, се претвори во непотребна тортура на гневност, само-промоција и бескрајни муабети за самиот Твитер. А Фејсбук, пак, се претвори во.... знаете, сте биле на Фејсбук.

Пред некој ден се најдов пред трепкачкиот курсор на празна адреса на штотуку отворен таб во веб прелистувачот. Не ми се работеше ама имав некоја чудна потреба да седам на компјутер и да изгледам како да работам, за на крајот на денот да се чувствувам грозно и уморно како некој што стварно работел. Всушност, имав потреба бесцелно да поарчам некое време.

Ама, не знаев како. Не знаев што да напишам во адресата. Зјапав во курсорот. На крајот, напишав “nytimes.com” и стиснав ентер. Како некој татко. Наоколу го имам целиот свет на интернет, оној свет кој некогаш знаеше да ме дигне на многу начини, а ете ме мене, читам вести. Бетер отколку да работиш.

Во средно одев на часови по програмирање. Немав појма што треба да научам. Наместо тоа, листав забавни сајтови, печатев гитарски акорди за песни кои се покажуваа многу погрешни. На факултет киснев по форуми, бесцелно допишувајќи се со илјадници други тинејџери на кои им е досадно. И Фејсбук го открив во првата година на студирањето. Ене го оној од средно, на фотографија од нечија валкана студентска соба. Ама што стана со онаа со која тој одеше? Ете и ја неа на Фејсбук, со црвени очи како директно од шише пие евтино црвено вино.

Тој свет на форуми, блогови и раниот Фејсбук беше создаден да се куропецаш. После факултетот, кога добив пензиско и здравствено и си купив машина за еспресо, читав блогови, интересни фаци кои пишуваа за ништо посебно и може да ти бидат забавни од 3 до 8 минути.

Потоа си отворив Твитер и влегов во свет на добри, глупи или чудни заебанции, линкови до нови сајтови и интересни идеи. Тоа тогаш беше одлично време за губење време и едвај забележував дека блоговите и сајтовите со предлог линкови ми стануваат сè помалку важни. Некогаш имавме цел екосистем од екстремно глупави и смешни сајтови на кои можевме да бадијалџиме, сега ги имавме само Твитер и Фејсбук. 

И тогаш, еден ден, мислам во 2013, и Твитер и Фејсбук веќе не ми беа интересни. И што е најлошо, забавните работи кои тие ги заменија веќе ги немаше. Форумите се испразнија, блоговите се затвораа. Твитер, гласникот на нивната смрт, се претвори во непотребна тортура на гневност, само-промоција и бескрајни муабети за самиот Твитер. А Фејсбук пак, се претвори во.... знаете, сте биле на Фејсбук.

Една деценија после оние часови по програмирање, веб прелистувачот го презеде целото искуство со компјутерот. Нема ништо „да научиш“ за компјутерите освен како да користиш браусер и сè што можеби сакаш да направиш мора да го впишеш во онаа адреса. Денес преку тој браусер стигнуваш до филмови, серии и сите песни кои некогаш биле снимени. Преку него пишуваш и четуваш и праќаш пораки, тука ми се сите забелешки и календари и социјален живот.

Сè има, само забава нема.

Можно е да се помисли дека е тоа моја грешка. Сум следел погрешни луѓе, премногу сум носталгичен кон оние лошо блогови. Имам 30-тина и сè што некогаш ми беше забавно за да убијам време сега ми е смртно досадно. Ама, не мислам дека е моја грешка. Мислам дека она што се случи е дека интернетот престана да биде место на кое одиш за да се одвоиш од реалниот свет - од твојата работа, обврски и одговорности. Веќе не е место на кое бараш како најзабавно да го убиеш времето туку место на кое одиш за некој ден да имаш време кое би го убивал.

Интернетот стана корисен, Сеопфатен и ефикасен. Само што веќе не е баш забавен.

Ден Носовиц

15 мај 2018 - 13:07