Психологија на фанатизмот: бранот самоубиствата во Германија во 1945

Нова книга го истражува феноменот на масовно одземање на сопствениот живот, кој ја зафатил Германија тогаш кога станало јасно дека таа ќе ја загуби Втората светска војна.

Во август 1991 маршал Сергеј Акромејев, поранешен генерал на Советските воени сили, се обесил во својата канцеларија, жалејќи по падот на супер-силата. Во текот на војната на Кипар од 1974, мајките ги подучувале ќерките како да си зададат струен удар доколку им пристапат турски војници, за да не дозволат да бидат силувани. За јапонските самураи харакирито било достоинствена смрт по доживеан пораз. И во македонските народни песни има ликови кои кога се обиколени од непријателот, сами се разнесуваат со бомба пред да паднат во негови раце („прв се уби Методија Патче/а по него целата дружина“).

Нова книга под наслов „Вети ми дека ќе се убиеш“ од Флоријан Хубер го истражува бранот на масовни самоубиства во Германија во тек на 1945, односно по напредувањето на Црвената армија кон оваа земја. На 20 април 1945, на роденденот на Хитлер, 21-годишната Фридерике Гренсеман се поздравила со татка си, кој бил регрутиран во набрзина составената група мажи кои до тогаш биле иземени од служење војска. Последниот обид на Третиот рајх да ја спречи или барем да ја одложи инвазијата на сојузниците бил осуден на пропаст - овие луѓе ниту имале униформи, ниту соодветно вооружување. Излегувајќи од дома таткото на Фридерике ѝ подал пиштол со зборовите: „Готово е, ќерко. Вети ми дека ќе се убиеш кога ќе дојдат Русите, инаку никогаш нема да видиш мир“.

Десет денови подоцна, кога „црвените“ навистина се појавиле на улицата, таа го зела оружјето, и според упатството си го ставила во уста. Во последен момент погледнала во дворот и видела корпа полна со оружје. Можеби Русите нема да ја фатат, помислила. Можеби тие нема да бидат толку лоши колку што ги претставувала наци пропагандата. Го фрлила пиштолот и решила да живее.

Но таа била исклучок - низ целиот источен дел од Германија луѓето се убивале за да одбегнат да бидат убиени или заробени од трупите на Црвената армија кои низ регионот навистина ограбувале, силувале и убивале. Тоа било бран на самоубиства од гитантски размери, при што луѓето си ги одземале животите на различни начини. Само во Берлин се проценува дека се самоубиле 10.000 жени, откако биле силувани. Понекогаш таткото го убивал целото семејство пред и самиот да се убие.

Писателот и режисерот на документарци Флоријан Хубер ја почнува приказната од малиот град во Померанија по име Демин, каде се проценува дека повеќе од 1.000 луѓе, од 15.000 колку што имал тогаш градот, си го одзеле животот, и тоа главно со фрлање во блиската река. Слична судбина имале и жители на други градови, но и членови на наци-елитата, почнувајќи со самиот Хитлер и неговите блиски соработници како Гебелс и Мартин Борман. Следеле владини министри, регионални функционери, армиски генерали (и тоа 53 на број), СС офицери. Главен мотив не им бил стравот колку очајот и дезориентацијата со кои се соочиле по падот на она во што биле убедени. Францускиот социолог Емил Диркем во својата класична студија на самоубиството го нарекува овој феномен „аномија“ - губење на вредносната рамка која луѓето ги остава без морална основа, колку и да е таа сомнителна. Како што напишала Магда Гебелс, која си ги убила шесте деца пред таа и сопругот да си ги одземат животите: „Светот кој ќе дојде по фирерот и нац-социјализмот нема да биде вреден за во него да се живее, затоа ги земам децата со мене“.

Ова за нив била достоинствена смрт, наспроти недостоинствениот живот кој сметале дека ќе го живеат во рацете на победниците. Хајнрих Химлер зел цијанид кога бил уапсен од Британците, додека „вториот човек во Третиот рајх“, Херман Геринг, се убил откако бил осуден на смрт од Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг, за да го одбегне понижувачкото бесење. Можеби со ваквиот чин тие мислеле дека идните генерации ќе добијат на сила и ќе бидат инспирирани од нивните жртви, но ова секако било илузија.

Случаите кои ги опишува Хубер се делумно извлечени и од Германската архива на дневици во Емендинген, во југо-западна Германија. Сепак, критиката вели дека тој не зел предвид битни елементи кои би ја објасниле разликата помеѓу високиот број самоубиства на истокот од Германија, и многу помалиот во западниот, кој паднал во рацете на сојузниците. Претходна книга „Самоубиствата во нацистичка Германија“ на Кристијан Гошел од 2009, издадена од Оксфорд Јуниверсити прес, се оценува како повнимателно напишана во однос на големиот број различни фактори кои стојат зад бранот на самоуништување при крајот на војната. Втората книга исто така ги зема предвид самоубиствата на Евреите во Германија помеѓу 1933 и 1945, нешто што Хубер или го превидел, или го прескокнал.

16 јули 2019 - 14:37