Дали сте подготвени за дигитален минимализам?

Нова книга на Кал Њујпорт повикува на фокусиран живот во бучен свет. Фино, ама како?

За Њупорт пишувавме кога излезе неговата претходна книга, Deep Work, во која тој повикуваше да научиме како да бидеме мрзливи, како предуслов за квалитетна работа и зголемена продуктивност. Во нова книга под наслов „Дигитален минимализам: бирање на фокусиран живот во свет полн врева“ тој се фокусира на oпседнатоста со мобилните, или она што психолозите го нарекуваат „умерена бихејвиорална зависност“, што значи дека тие се користат во поголема мерка од онаа која што се смета за здрава. Она што според него е најголемата а сè уште недоволно разбрана последица на дигиталното доба е губењето на времето кое инаку би го посветиле на размислување и едноставно бидување со сам себе. Тоа се токму активностите кои се суштински за еден функционален човечки живот, а тука спаѓа и тоа едноставно да ти е здодевно.

Во интервју за WBUR Њупорт го коментира влошувањето на ситуацијата со користењето смартфони во последниве неколку години. Вели дека огромна одговорност сносат социјалните медиуми кои се штелуваат така за да поттикнат што е можно покомпулсивна употреба. Фејсбук пред 10 години и овој Фејсбук денес се две различни работи, а овој развој кон поголема компулсивност за обичниот корисник не е баш очигледна, бидејќи се случува постепено.

Њупорт го цитира Хенри Дејвид Торо (Букбокс читанка за „Валден“ тука) кој велел дека ако ја гледаш само користа од нештата, тогаш стануваш максималист - се обидуваш да го зголемиш бројот на малите бенефиции кои ти ги носи поседувањето или правењето нешто. Но притоа луѓето пропуштаат да ги земат предвид трошоците, и тоа не само финансиските, туку колку чини на пример слободното време кое може да се посвети на други нешта, а не на трупање навидум „корисни“ работи.

Што се однесува до иднината на користењето мобилни, тој вели дека „има нешто во воздухот“ во последно време, промена на атмосферата во однос на тоа дали некој кој не користи социјални мрежи се смета за чудак или не. Тој е оптимист дека полека ќе станеме толку уморни, што ќе сфатиме дека сме заробени од технологијата, и дека ова ќе нè направи да се бунтуваме. Неговото оптимистично предвидување е следно: дека еден ден, кога значајно ќе ја намалиме употребата на мобилните, ќе погледнеме наназад и со неверување ќе речеме - Ти се верува ли дека порано живеевме така?

19 февруари 2019 - 09:51