Документарец на „Дома“ - едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии, во соработка со DW Europe, за редок вид кој се појавува на лето над селото Плетвар, пеперутката Сивка која игра огромна улога во локалниот еко-систем на опрашувач.
Една од опасностите што им се заканува е што 5 од 7-те локации кои се нејзин дом се претворени во каменоломи за мермер. Но втората опасност е уште поголема, а тоа е трговијата со неа од страна на ловци кои потоа ја продаваат во форма на препариран трофеј, за само 30 евра.
Авторите на филмот ги нарачуваат овие примероци преку интернет и успеваат да ги добијат. Ова се случува и покрај тоа што во 2011, сивката е заштитена со закон во Македонија, со што се забранува нејзиниот лов и продажба. Кој е одговорен за кршењето на законот и како оваа пеперутка од тн. „Црвена листа“ која е необврзувачка за другите држави, да се најде на списокот загрозени видови кои би биле заштитени и во странство, како и онлајн?
Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар Лабораториум во петок, 13 ноември, во 20 часот.
Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во Скопје. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност.“
Билети на МКТикетс и на влез пред почеток на претставата.
Младиот ликовен уметник од Кочани, Давид Јосифов, во културниот и едукативен центар Лабораториум ќе го претстави своето дело „Змејот од Плачковица“, триптих од скулптури во акрил на метал Отворањето на изложбата ќе се одржи во четврток на 12 ноември во 20 часот.
Давид е студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и последниве неколку години се фокусирал во ѕидното сликарство. Со „Змејот од Плачковица“, тој се впушта во тродимензионален израз. Идејата од самиот почеток на резиденцијата беше да се работи со разновидни рециклирани и индустриски материјали кои упатуваат на еколошки и општествени прашања, со посебен фокус на ликот на змејот како заштитник на природата.
Делото е развиено во рамки на резиденцијалната програма „Нови Лица“, во соработка со менторот Владимир Благојевиќ, дипломиран етнолог, музејски едукатор, истакнат уметник, илустратор и автор на медиумски програми од областа на уметноста.
Ова е нова резиденција во рамки на програмата „Нови Лица“ во Лабораториум, во која претходно Јана Наскова имаше изложба на фотографии „Од шкафот“, Канита Кеј Зеќировиќ го промовираше фанзинот „Наши“, Кристина Таневска работеше мурал во Лабораториум, а Дамјан Чемерски, Давид Станковиќ и Лука Петковски го презентираа мултимедијалниот музички проект „Dаvidian“.