„Шогун“, книгата од речиси 1200 страници на британско-американскиот писател и ветеран од Втората светска војна, Џејмс Клавел од 1975, е фикција, но сепак ги зема предвид историскиот контекст и сложените политички игри во Јапонија на почетокот на 17 век. Во 1980 според неа е направена истоимена мини-серија со Ричард Чемберлен, Тоширо Мифуне и нарација на Орсон Велс. Но оживувањето на истото дело во 2024 бил процес којшто траел повеќе од една деценија. Тој резултира со вистински еп, во кој добро се балансирани грандиозните воени сцени - „големата слика“ со малите, интимни приказни на учесниците во нив.
Во само 10 епизоди (последната излезе на 22.04.), запознаваме неколку маркантни ликови, како лордот Торанага, создаден според реален воен лидер, Токугава Иејасу, чиј шогунат ќе трае два и пол века. Реален е и ликот на англискиот морнар Џон Блекторн, кој се викал Вилијам Адамс, или согласно јапонскиот изговор, Увириаму Адамусу, попознат како Анџин-сан (анџин - морепловец, „пилот“).
Историските податоци велат дека Адамс бил првиот Англичанец кој стигнал до Јапонија. Тоа го направил со трговски брод по име Лифде, сопственост на компанија на трговци од Ротердам. Тој бил единствениот од петте брода во оваа експедиција кој го преживеал патувањето, кое траело повеќе од 19 месеци. Бродскиот товар се состоел од 11 сандаци стока: стаклена монистра, огледала, наочари; метални алатки и оружје; бронзен топ со 5000 ѓулиња; 500 мускети-пушки и др. Кратко време по пристигнувањето, Адамс станал клучен советник на спомнатиот шогун (воен командант) Токугава Иејасу. Под негово раководење, Англичанецот организирал градење на првите бродови во западен стил, а ги обучувал и во користење топови и друг вид огнено оружје за кое во Јапонија не знаеле ништо.
Повеќе од една деценија на Адамс и на неговиот заменик не им било дозволено да ја напуштат земјата, па немајќи друг избор тие го научиле јазикот и се прилагодиле на животот во неа. Адамс зад себе оставил голем број писма до жена си во кои го опишува своето прилагодување, но и околностите во кои се нашол, како судирот со португалските католици, кои пристигнале таму неколку децении претходно и веќе ги имале посеано семињата на католицизмот. Kога станал политички влијателен, желбата на језуитите да се отарасат од овој протестант станала уште поголема.
„Луѓето од оваа земја, Јапонија, се добродушни, љубезни над секоја мера и бестрашни во војна: нивната правдина се спроведува сурово, без каква и да е пристрасност кон нарушителите на законот. Тие се одликуваат со висока цивилизираност. Не сум видел друга земја која е толку добро раководена. Луѓето се многу суеверни во врска со својата религија и имаат различни мислења за нештата.“
Ова го напишал Блекторн, кој иако претходно женет, во Јапонија повторно стапил во брак со Јапонка, иако нема јасни податоци за нејзиното име или потекло. Тие имале син Јозеф и ќерка Сузана, иако се зборувало и за други вонбрачни потомци. Адамс починал на 16 мај 1620 на возраст од 55 години. Во тестаментот го поделил својот имот - куќа во Едо (денешно Токио), селски имот и 500 англиски фунти рамномерно помеѓу неговото англиско и неговото јапонско семејство.
Eден од главните ликови во новата серија е Марико-сан, преубава Јапонка која е назначена како преведувач на Блекторн, но со која тој остварува интензивна љубовна врска. Историскиот модел за неа е Хосокава Грација, христијанка чие познавање на португалскиот и латинскиот од неа направиле уникатна фигура во доцниот 16 век. Како и Марико, и лејди Хосокава водела потекло од контроверзна благородничка фамилија. Но таа починала во 1600, годината кога Адамс пристигнал во Јапонија, па тие никогаш не се сретнале.
Илина, Букбокс