„Опашки! Опашки!“ - навредливо извикувало населението на Париз кон англиската армија во 1436-та, кога војниците го напуштале градот што го окупирале цели 16 години.
За парижаните било општо сознание дека секој Англичанец под својата облека крие тајна опашка. Започнувајќи уште од 12 век, француската литература била полна со вакви референци, па од таму приказната се проширила и кај други народи. „Опашката“ природно сугерирала споредби со лизгави јагули, отровни змии, валкани стаорци итн. Поради сличност помеѓу француските термини coue (опашка) и couve (несење) се создал и бизарен стереотип дека Англичаните несат јајца - фламанските поети од 13 век потсмешливо препорачувале дека ако некому недостасуваат кокошки може да си земе Англичанец да седи врз јајцата.
Како започнало сето ова? Изгледа дека навредата најпрвин била ограничена само на жителите на градот Кент. Наводно, св. Августин се обидел да проповеда таму и бил исмеан од локалците. Тие му ставиле опашка на неговата облека, а тој од своја страна ги проколнал ним да им пораснат исти такви. Слична легенда се однесува на св. Тома од Бекет. Кога тој пристигнал во некое англиско село жителите решиле да ја исечат опашката не коњот на кој тој бил качен. Со овој „профан“ гест тие си ја запечатиле судбината - наследниците на сите мажи што го сториле тоа да се родени со опашки како „примитивни животни“.
Со текот на времето овие локални легенди започнале да се однесуваат на сите Англичани, и тоа без моментот на проколнување - просто тие си имале опашка од раѓање, симбол на нивната блискост до анималното, спротивно на човечкото и цивилизираното. До 16 век состојбата веќе станала неподнослива, па Англичанец кој патувал за трговија или каква било друга чесна работа во странство, не можел а да не се сретне со приказната и да ја почувствува на своја кожа. И тоа веќе не се однесувало ни само на мажите туку ги опфаќало и Англичанките.
Во текот на Англо-холандските војни, стереотипот се покажал како главна финта на пропагандистите. На холандските графики од тоа време, опашката на Оливер Кромвел, aнглискиот државник и политичар (1599-1658) постојано се појавува, целата влакнеста, како на лисица. На една од сликите, познатиот англиски генерал ја крева својата накострешена опашка за да издаде наредба на флота бродови.
Изгледа необично нешто што било „општо познато“ цели 400 години потоа да исчезне преку ноќ. Но ваквото уверување, дека Англичаните имаат опашки и денес се појавува на необични места. Така во 2020, еден корисник на палтформата Редит се потсетил: „Мојата баба од Ирска секогаш велеше дека Англичаните имаат опашки. Многу инсистираше на оваа идеја“.