Дали е во ред да се фрли книга?

На Меѓународниот ден на книгата го поставуваме ова, за многумина контроверзно прашање. Такво е затоа што на книгата не се гледа како на „обичен“ потрошувачки производ, туку како на нешто свето. Без оглед што книги има секакви, па и такви кои и метафорично а и материјално се ѓубре. Значи, да се фрли или не?

Во македонскиот дел од социјалните мрежи често наидуваме на фотографии од купени книги на Саемот на книгата или на попуст, со придружни самообвинувачки или самосожалувачки коментари, дека книгите се трупаат, а се нема време за нивно читање. И покрај нашата крајна внимателност во однос на феноменот кој Јапонците го нарекуваат „тсундоку“ (види претходно тука) и ние не одолеавме на понудите, на пример од серијата книги - Ѕвезди на светската книжевност за 99 денари. 

Но откако ќе ги прочитаме и ќе почнат да ни се трупаат, една работа делува како табу - нивното фрлање. 

ЗОШТО ДА НЕ СЕ ФРЛИ?

- Купувањето книга создава поинакво чувство отколку купувањето „обичен“ производ - придонесуваме кон нашата издавачка продукција, постоењето на трговците со книги, културата воопшто. Понекогаш поддржуваме мали и независни издавачи или млади автори кои можеби имаат и некаков ќар од продажбата. Се вмрежуваме со други кои купуваат и читаат книги, па можеби и разменуваме наслови со нив. 

- Долго време низ историјата книгите биле ретки и скапоцени, и во материјална и во духовна смисла - тоа најчесто биле религиозни и свети книги. Поседувањето книги воопшто било знак за висок општествен статус, богатство и моќ, дури и ако нивниот сопственик воопшто не ги читал туку само ги користел како престижен декор. Како далечното ехо на таквите времиња да е вградено во нас и денес. 

- Фрлањето на книга потсетува на еден уште порадикален чин - нивното горење и забранување. Пластичното шише се состои само од тоа, од пластика. Иако на декларациите за производ кои најчесто многу невнимателно и грдо се залепени на книгите пишува „Состав: хартија“, на нив гледаме како на нешто составено не (само) од материјални супстанци, туку од идеи, за кои се вели дека знаеле да го променат светот. Можеби затоа полесно се фрлаат книги кои се идеолошки застарени - „отпад“ на некое друго време. 

- Да се издаде книга кај асли издавач се уште се смета за филтер на квалитет. Ако некаков текст се нашол помеѓу корици, добил ИСБН број, бил рецензиран, лекториран и промовиран, па тогаш мора нешто „да вреди“ - ако не за нас, тогаш за некој друг. Зошто со фрлањето во ѓубре да се одземе можноста книгата сепак да го најде својот читател? Фрлањето може да се замени со донирање или подарување. 

- Чувањето физички книги има историска и културолошка вредност, а да не зборуваме за книгите - подарок, со посвета или потпис од познати автори. 

ЗОШТО (и кога) ДА СЕ ФРЛИ?

- Инспиративните цитати кои по дефиниција ја величаат книгата како „врата кон непознатото“, „сон што се држи во рака“, „подвижна магија“, како да не чуле за купиштата навредливо досадни, полуписмени, технички ужасно изработени, па дури и штетни книги. Не, не мора да ги горите, ама слободно може да ги фрлите. Ако баш сакате да превенирате да се најдат на штандовите за книги од втора рака (се случило со фрлена книга), можете и да ја искинете и нејзината „магија“ да заврши тука. Ако сте вешти во рециклирање и не сте суеверни дека нејзината енергија сепак останува во материјалот, може и да ја искористите за некаква ракотворба или инсталација.

- Има ситуации во кои цели службени простории, кои би можеле и тоа како да бидат корисни, не се ставени во функција затоа што се затрупани со книги. На пример, со стотици примероци од учебници со застарени информации и за факултетски предмети кои веќе не постојат. Се чуваат само затоа што некогаш биле заведени во некаков попис или „за некој да не ги побара“. А сме слушнале дека има и такви приватни подруми, па дури и цели соби.

- Бидејќи и тие кубурат со простор, нашите библиотеки ретко примаат донации. Пребирливи се и продавачите на книги. И на најдобронамерниот книгодавач му збоктисува кога треба да врти десетина телефони и да организира превоз, само поради почитта кон „пишаниот збор“. На крај телефонот што најмногу врши работа е од оној кајшто откупуваат стара хартија. 

- Најлесно се фрлаат книги кои технички и не се книги. Копии од пиратски симнати е-книги, отпечатени во првата фотокопирница. Да, и тоа го правиме. И со лесно срце потоа ги фрламе. 

И на крај, парадоксално како за рубрика која се вика Букбокс, најнеомилениот подарок со текот на годините ни стана - книга. Многу подобро поминува нешто што се јаде, или уште подобро, што се пие. Тоа поретко се фрла.

Илина, Букбокс

23 април 2024 - 11:25