Ненавлечен на вестите на МТВ, муабетите на Скајп и хамбургерите во Мекдоналдс, па уште и без жена потенцијално склона кон импулсивен шопинг во Манго, тој имал релативно лесно остварлива идеја – да се засолне од цивилизацијата на две години, два месеца и два дена во колиба кој самиот ја изградил крај езерото Валден, близу Конкорд, Масачусетс, за таму да си цепка дрвја, да си одгледува грав, да лови риба, да дреме на сонце, и во меѓувреме лежерно да пишува за нуспојавите на индустријализацијата, неправедноста на даночниот систем и потребата од самоодржливост. „Валден" е всушност еден вид дневник кој го регистрира одвивањето на овој негов социјален експеримент – осамувањето, и враќањето кон природата, како некој вид духовно патешествие, лична декларација на независност и тивок анархизам. Тој сепак не проповеда аскетизам и екстремно лишување од животни задоволства, туку само негување на скромност и славење на едноставноста на животот, неоптоварен со непотребни материјални предмети и непријатни меѓучовечки контакти.
Во времето кога била објавена во 1854, „Валден" доживеала скромен успех, и добила поддршка главно од интелектуалните кругови на „трансцеденталистите" од Нова Англија (Емерсон – сопственик на имотот крај Валден и личен пријател на Торо, Алкот, Ченинг), кои повлијаени од германскиот идеализам, англискиот романтизам и ведските списи промовирале филозофија на единство на човекот со Бог, чија чистота (на човекот, но и на овој однос) општеството и институциите само го корумпираат.
Каков Жижек, каков Корнел Вест, да се живи овие луѓе да видат што се се случи во последниве 150-тина години не би поверувале на своите трансцедентни уши и очи, и сигурно би биле на кормилото на социјалните револуции низ светот – освен ако во меѓувреме не ги стават во бордот на некоја од големите корпорации, овозможувајќи им не колиба, туку луксузно опремена вила, со сателитска, базен и глисер во изолираните предели на..Малибу, на тој начин доживотно корумпирајќи ги. Иако идеите на Торо, особено оние изнесени во неговиот есеј „За граѓанската непослушност", биле препознаени од бројни интелектуалци и борци за човекови права низ историјата (Ганди, Толстој, Џ. Ф. Кенеди, Мартин Лутер Кинг), тие како од ден на ден да стануваат не само се поактуелни, туку и речиси пророчки.
Отидов во шумата затоа што сакав да живеам со промисла, да се соочам само со суштинските факти на животот, а не кога ќе дојдам до тоа да умрам, да откријам дека не сум живеел, вели Торо на почетокот на книгата, најавувајќи нешто многу позначајно од некаков практичен прирачник за преживување во природа. Наместо да трупате и да купувате, подарувајте и разменувајте. Ако не знаете, научете да месите леб, да вадите вода од бунар, да молзете крава, да садите, да калемите, да поткаструвате. Бидете психолошки подготвени дека во секој момент може да снема струја, да се затворат бензиските и да падне интернетот. Вашето дете прво нека научи некој занает, па после запишете го на менаџмент. Што е основното кое ни е потребно за да преживееме? - храна, засолниште и огрев, вели Торо. И здравје, би додале.Чувајте го, пешачете и слушајте што ви зборуваат постарите. Тие живееле со помалку, ама изгледа биле посреќни. Исто како и Торо, во текот на двете години поминати крај Валден.
Книгата може да се купи тука