Во 1966, кога новинар на Си-би-си го прашал Дали дали мисли дека е луд, овој одговорил: „Дали е речиси луд. Но единствената разлика помеѓу лудите луѓе и Дали е тоа што Дали не е луд“.
„Прашај го Дали“, нова инсталација базирана на копија на славната скулптура на овој автор, „Телефон со јастог“, сега им овозможува на посетителите на музејот на Дали во Санкт Петерсбург, Флорида, да ја кренат слушалката, да постават прашање и да го слушнат лудиот одговор на Дали. Неговиот глас, кој зборува на англиски со тежок акцент, е овозможен со помош на генеративна вештачка интелигенција.
„Зошто часовниците се топат?“ е пример на едно такво прашање кое се поставува во промотивното видео за инсталацијата, која се отвори на 11 април. „Драг мој прашувач! Не мисли на нив само како на часовници што се топат. Замисли ги како огромен сон!“.
Агенцијата која работела на инсталацијата, Гудби Силверстин и партнери од Сан Франциско, ја тренирала вештачката ингелигенција врз основа на гласовни парчиња преземени од архивски интервјуа на Дали на англиски, кој ги давал во текот на неговата кариера (зборувал четири јазици, каталонски, шпански, француски и англиски, понекогаш мешајќи ги).
Во основа на моделот е Четџипити-4. Тој ги вклучува и речиси сите јавно достапни информации за уметникот, заедно со преводи на негови дела на англиски, меѓу кои „Мистичниот манифест“, „Дневник на еден гениј“ и „Тајниот живот на Салавадор Дали“.
До сега ВИ има одговорено на над 3000 прашања. Посетителите често му прават муабет за љубовта, животот, смртта. За ова првото чести се исказите на Дали поврзани со неговата сопруга Гала, како и темите поврзани со убивањето животни или зошто има толку многу темнина во светот. На ова Дали одговара: „Предизвикувај го универзумот со длабоки прашања, на пример зошто сенките го слават сонцето? Сенките го прават тоа бидејќи тие се тивка музика на отсуството на светлина. Секоја сенка е мрачен отпечаток на веселената, откривајќи ги скриените контури на времето и просторот“.