Evidence Day во Скопје: како вештачката интелигенција го менува научното издаваштво?

На 15 октомври, на ФИНКИ, меѓународни истражувачи и експерти ќе дискутираат за иднината на научните публикации, вештачката интелигенција и новите начини на кои знаењето може да се создава, проверува и споделува.

Како би изгледало научното списание ако не содржеше само текст што може да се прочита или резимира, туку и податоци, код и сè што е потребно за резултатите да можат повторно да се проверат и практично да се користат? Токму ова прашање е во центарот на Evidence Day, настан посветен на новите можности што ги отвора вештачката интелигенција во научното истражување и издаваштво, кој ќе се одржи денес, 15 октомври, во Скопје.

Со сè поголемото присуство на големите јазични модели во академскиот свет, вештачката интелигенција веќе не е само новина или алатка за автоматско сумирање текстови. Таа сè повеќе влијае врз начинот на кој истражувачите читаат, пишуваат, анализираат и рецензираат научни трудови. Но, според организаторите, Фондацијата Кантарот и партнерите, вистинскиот потенцијал не е во едноставното додавање четбот на постојните документи, туку во поинакво организирање на самото научно знаење.

Меѓу главните говорници е Стивен Бојд, професор на Универзитетот Стенфорд и еден од водечките истражувачи во областа на оптимизацијата, чиешто дело придонесува математичките резултати да можат да се претворат во софтвер што други истражувачи можат да го користат. Џинганг Ку, истражувач во NVIDIA во Париз, ќе зборува за вештачката интелигенција што работи со графови и структурирани податоци. Ксуе (Стив) Лиу, професор по машинско учење и компјутерски науки на MBZUAI и Универзитетот Мекгил, ќе ја претстави платформата Evidence како иновативна средина за истражување со помош на вештачка интелигенција.

Програмата вклучува и презентации за новите начини на поврзување на научната литература, системи за организирање и проверка на истражувачките тврдења, како и можностите и ограничувањата на вештачката интелигенција во рецензирањето научни трудови. Меѓу учесниците е и Кирил Гаштеовски од NEC Laboratories Europe, кој ќе ги претстави резултатите од истражување во кое 45 научници експерти оценувале рецензии на трудови од списанијата на групацијата Nature, подготвени од луѓе и со помош на вештачка интелигенција.

Evidence Day ќе се одржи во амфитеатарот А1 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

15 октомври 2026 - 08:41