„Белото“ во културата: од Фројд до Аца Лукас

26.2, попознат како роденденот на Џони Кеш, ќе гo поминеме во пригодни активности. Не дека други денови не му ги слушаме песните во кои се мешаат само навидум некомпатибилни теми: Бог, убиства, љубов, дроги. А последнава е со долга историја во уметноста.

Како што пишува Ѓорѓе Матиќ во текст од белградско Време под наслов „Бело“, кокаинот во западната култра минал долг пат од „медицина“ (аналгетик и анестетик), псевдолек за широка употреба, вообичаен додаток на производи (оригиналната кока-кола), до почетокот на минатиот век, кога почнал да се третира како она што навистина е - наркотична дрога. Списокот на кокаинисти-мислители низ историјата е долг, од Фројд до Крлежа, кои сметале дека тој им го стимулира мислењето и интелектуалната работа.

Бидејќи делувањето му е такво што го забрзува пулсот и создава чувство на засилена енергија или еуфорија, пред епидемијата на хероинот од 1940-тите кока шмркале „боеми, коцкари, проститутки, ноќни чувари, хотелски рецепционери, провалници, макроа и наемни работници“. Во музиката го трошеле како „носно освежување“, најмногу џез музичари за да издржат на нога по цели ноќ, некогаш и повеќе ноќи по ред. Оттаму не е ни чудно што една од најстарите „регтајм“ мелодии се вика Кокаин блуз, за човек по име Вили Ли кој си го убива неверното либе додека е под дејство на виски и кокаин. Откако е осуден на 99 години во Сан Квентин, тој на крајот на песната нè моли нас, слушателите:

Come all you hypes and listen unto me,
Drink all you want to, but let that cocaine be.

„Кокаин блуз“ ја имаат изведувано Вуди Гатри, Хенк Томпсон, Кит Ричардс, Хенк Вилијамс, Мерл Хагард. А оваа е на Кеш, кој бил на „бело“ до моментот кога го допрел дното и навистина го послушал советот од крајот:

Песната меѓу другото покажува дека за разлика од денес кога „коката“ се смета за дрога на нафатираните, таа била евтина и достапна и на најниските слоеви. Сепак, во светот на комерцијалната поп култура нејзиното спомнување почнало да се цензурира. Оригиналните стихови на I Get a Kick Out of You на Кол Портер, на пример гласат вака:

Some get a kick from cocaine
I'm sure that if
I took even one sniff
That would bore me terrifIcally, too
Yet, I get a kick out of you

Тие биле променети во 1936, кога песната се појавила во холивудскиот филм Аnything Goes и таму првиот гласи: „Некои сакаат шпански парфем“. Френк Синатра ги снимил и двете верзии, а кога на јавни настапи ја пеел таа верзија со парфемот секогаш иронично се смешкал. Еве ја онаа „забранетата“:

Легендите велат дека Френсис Роси, водачот на Статус Кво, често знаел да покажува трик - стапче за чистење уши како му поминува без проблем низ истенчената носна `рскавица. Џеј-Џеј Кејл и Ерик Клептон си пеат за коката како за жена која „не лаже“. Но денес „белото“ повеќе се врзува со нароњаци и новопечени криминалци, со свет на банкари и бизнисмени. Сè си мислиме дека Кеш би си го прославил денешниот роденден со некој добар чај. 

26 февруари 2019 - 12:14