Жетончиња, ама не за флипери

Не сите антиквитети носат возвишена и „чиста“ историја. Некои од нив во себе кријат попровокативно минато, полно со алузии на кадифени завеси, пригушена светлина од свеќи и на ноќен, таен живот. Во случајов станува збор за жетони со кои можеле да се добијат специфични услуги во „градот на светлината“.

Кога кај нас ќе се каже „жетони“ обично се мисли на оние пластичните за флипери. Но во Париз имало такви кои овозможувале влез во бордели. На прв поглед изгледале како обични монети, украсени со профили на императори или со декоративни мотиви. Но, на задната страна приказната била поинаква: наместо венци или орли на неа имало еротски гравури, знаци што не означуваат парична вредност, туку телесна размена.

Овие жетони функционирале како валута во луксузните париски бордели од периодот на Бел епок (крај на 19 век до почетокот на Првата светска војна). Клиентите ги купувале однапред (значи во при-пејд) и со нив ги плаќале сексуалните услуги. Но нивната улога не била само финансиска. Тие обезбедувале дискретност, бидејќи различните дизајни често означувале конкретна услуга од „менито“ на куќата, со што клиентот избегнувал непријатност јавно да го изговори своето барање. Воедно, жетоните ѝ помагале на сопственичката на борделот да води евиденција и да пресмета кој колку заработил на крајот од вечерта, макар и не секогаш правично.

Да се држи ваков жетон денес значи да се почувствува материјален остаток од една економија во сенка, доказ дека дури и во време на строги морални норми и империјални амбиции, индустријата на задоволството имала сопствен систем и логистика. Сепак, Французите не биле првите што го измислиле ова. Како и многу други „модерни“ скандали, и овој има корени во античкиот Рим. Таму постоеле „спринтрии“ (spintriae) – мали бронзени или месингани жетони, на едната страна обележани со број, а на другата со експлицитни сцени што јасно упатувале на услугата што се нуди. Иако историчарите дебатираат дали понекогаш служеле и како жетони за игри или за бањи, нивната еротска иконографија остава малку простор за сомнеж за нивната главна намена.

Практичноста била иста во антиката и во Париз од 19 век: дискретност, стандардизација и контрола. Оваа идеја повторно оживеала во времето на Наполеон Трети, кога жетоните повторно влегле во употреба во растечката секс-индустрија на градот. Сличностите биле впечатливи – профилот на императорот на едната страна, а тивкото ветување за она што следува зад завесите на другата.

Многу од овие жетони, всушност, биле повторно изработени од стари или веќе повлечени монети, кои одамна ја изгубиле официјалната вредност. Во полутемните салони на борделите, не била важна репутацијата на императорот, туку металната гаранција во раката на клиентот. Тешко е да не се запрашаме што би помислил самиот Наполеон Трети, познат и по сопствени скандали, доколку знаел дека неговиот лик ќе стане симбол на парискиот порок.

Денес, овие жетони се предмет на интерес за специфична група колекционери: нумизматичари со наклонетост кон еротското, историчари на „скриениот град“ или едноставно љубопитни посетители на бувљаците. Повремено се појавуваат и на аукции, но многу од нив преживеале заборавени во фиоки и кутии, како неми сведоци на Париз кој веќе го нема. 

извор

19 декември 2025 - 19:21