Американското министерство за правда се вмеша во исправањето неправди околу Оскарите

Откако маката што филмаџиите ја имаат со стриминг сервисите како Нетфликс стигна до таму богот на Холивуд, Спилберг, да проговори околу тоа, сега и американските власти излегоа со свое гледиште на целата работа.

Варајети објавува дека американското министерство за правда ја предупредува Академијата дека менувањето на правилата околу Оскарите за да се исклучи конкуренцијата од стриминг сервисите може да е спротивно на законите.

Првиот човек на анти-монополската управа на министерството, Макан Делрахим, испраќа писмо до ЦЕО-то на Академијата, Дон Хадсон, во кое „изразува загриженост дека новите правила ќе бидат напишани ’на начин кој ја потиснува конкуренцијата.’“

„Во случај Академијата - здружение кое во своето членство вбројува голем број конкуренти – да воведе одредени предуслови за квалификување за Оскарите кои ја елиминираат конкуренцијата без оправдание, такво однесување може да создаде анти-монополски интерес,“ пишува Делрахим во своето писмо.

Тој го наведува законот според кој договорите меѓу конкурентите за елиминирање на нови конкуренти „се спротивни на анти-монополските закони кога нивната намера е да се спречи конкуренцијата на добра и услуги“ и чие користење од потрошувачите го загрозува профитот на веќе доминантните компании.

Писмото следува како реакција на веста дека Спилберг, член на бордот на Академијата, бара измена на правилата за тоа кој филм може да се квалификува за Оскар, главно за да се спречи филмовите што имаат премиера во кино во исто време да имаат премиера и на Нетфликс или останатите стриминг сервиси. Годинава „Рома“ на Нетфликс го освои Оскарот за режија.

3 април 2019 - 11:42