Промоцијата на Тим Кук е најлошата одлука на Стив Џобс

Во 2000 Бил Гејтс својата позиција му ја предава на Стив Балмер, кој ќе управува со Микрософт во следните 14 години. Балмер тука брилјира: успева трикратно да ја зголеми продажбата на компанијата, профитот за два пати, да извади производи како Иксбокс и Кинект и да ги купи Скајп и Јамер. Сепак Балмер успева и да ја осакати иднината на компанијата.

Најголема замерка за Балмер е што тој не успева да ги препознае 5-те најголеми трендови на 21-от век: пребарување, смартфони, мобилни оперативни системи, медиуми (содржини) и облак.

"Микрософт излезе од 20-от век поседувајќи повеќе од 95% од оперативните системи на кој работеа десктоп компјутерите. 15 години подоцна, продадени се над 2 милијарди смартфони низ светот, а мобилниот оперативен систем на Микрософт е на само 1% од нив. Слични утки Микрософт има и на други пазари - пребарување, мобилни уреди и клауд, кои беа токму правецот во кој се движеа корисниците на Микрософт. Сепак, многу паметен ЦЕО успеа да ги утне сите овие," пишува Стив Бланк во текстот за Кварц.

Според него проблемот не е дека на Микрософт му фалеле добри инженери и вработени во кое било од овие полиња што ги пропушти, туку дека Балмер ја организира компанијата околу своите два најсилни производи - Виндоус и Офис. Сето она што не е директно поврзано со овие активност не добива сериозно внимание и ресурси од менаџментот.

Целата ситуација Бланк ја сведува на тоа дека за Микрософт како компанија која продава производи, е многу проблематично да се трансформира во компанија што продава сервис (облак, реклами, музика).

"Микрософт не успеа затоа што неговиот ЦЕО беше првокласен егзекутор на постоен бизнис модел кој се обидуваше да менаџира во индустрија во која се повеќе преовладуваа промени и дисруптивни технологии," пишува Бланк.

Во 2014 Балмер се пензионира, а на неговата позиција доаѓа Сатја Надел. Тој го реорганизира Микрософт околу мобилни уреди и облакот (Азуре), ги ослободува Офис и Азуре тимовите од задолженијата околу Виндоус, го укинува бизнисот со смартфони, и објавува нова верзија на Виндоус "без вообичаените трауми".

Од тука Бланк се префрла на Епл и на Стив Џобс, кого го смета за еден од најдобрите примери на визионерски ЦЕО во историјата, кој успева компјутерската компанија да ја претвори во најпрофитабилната компанија на светот, три пати револуционизирајќи ги нејзините продукти. Прво со Ајподот, па со Ајфонот и на крај со Ап стор.

Забелешката што Бланк ја има околу Џобс е што тој како визионерски ЦЕО (што е природно) себе се опкружува со "екстремно компетентни егзекутори, ама ретко со радикални иноватори." Па така за време на неговото владеење со Епл, тој на клучните сектори поставува силни директори, кои ќе можат неговата визија да ја преточат во планови, процедури и производи.

Меѓутоа кога визионерот ќе си замине, еден од овие директори верува дека на него му е ред да управува со компанијата, најчесто со благослов од претходниот ЦЕО. Во Микрософт тоа е Балмер, во Епл, Стив Џобс јасно нагласи дека сака тоа да биде Тим Кук.

"Кога ќе дојдат овие нови извршно-ориентирани ЦЕО-а прво нешто што прават е да го средат хаосот и турбуленциите во нивните организации. Извршителот ЦЕО ја вреднува стабилноста и процесите кои можат да се репродуцираат. Од една страна, фантастично е што можеш да промовираш предвидливост, од друга страна, тоа често пати доведува до смртоносна спирала на креативноста во која креативните вработени почнуваат да ја напуштаат компанијата во потрга по нови околини. Оваа промена на културата започнува од горе надолу, и она што некогаш изгледало како компанија со мисија да го промени светот сега изгледа како која било друга компанија.

Паралелата меѓу Гејтс / Балмер и Џобс / Кук е страшна. Епл под Кук за два пати ги зголеми своите приходи на 200 милијарди долари, за два пати го зголеми профитот и за трипати ја зголеми готовината што ја имаат во банка (моментално 250 милијарди долари). Ајфонот ги продолжува годишните надградби со инкрементални подобрувања. А сепак во рок од пет години единствениот вистински производ што успеваат да го пуштат во продажба е Епл воч. И пак, со 115.000 вработени, Епл едвај може да извади годишни апдејти за своите лаптоп и десктоп компјутери," објаснува Бланк.

Моменталната позиција на Епл е речиси истата како и на Микрософт на почетокот од 2000, доминација на нивниот софтвер и хардвер (Иос и Ајфон / Ајпад). Како што Балмер пред 15 години успеа да ги пропушти смартфоните, пребарување и сл., така Кук денес одбива да признае дека домашните уреди со вештачка интелигенција (Амазон Алекса, Гугл Хоум) се новата класа на уреди на која и припаѓа иднината.

Не е дека Епл нема работено на вештачка интелигенција, сепак Сири е еден од првите асистенти, "проблем е дека ланец на набавка ЦЕО на кој му недостасува пасија за производи и кој допрва треба да ја артикулира својата лична визија за Епл, не е човекот кој може да ги донесе правилните одлуки кои ќе донесат револуционерен производ на пазарот."

"Стив Џобс и Бил Гејтс (како и другата креативна икона на 20-от век, Вол Дизни) го направија истиот превид: предложија директори извршители како нивни наследници. Тие измешаа првокласна егзекуција со пасија за производи, корисничко искуство и чувство за пазар. Една од причините е што ако бордот на компанијата одлучи дека на нејзиното кормило и треба уште еден иноватор, речиси гарантирано најдобрите извршители во компанијата - обично број 2 и 3 потпретседатели на компанијата - ќе се чувствуваат заборавени. Сега бордот е соочен не само со губење на ЦЕО, туку и со губење на веројатно најдобрите извршители во своите редови," анализира Бланк.

3 ноември 2016 - 10:54