Најдобрите филмови кои ги гледавме во 2019

Насловот е намерно таков каков што е, затоа што некои од филмовите кои котираат високо на листите на (наводно) најдобри за изминатата година сè уште не дошле во нашите кина, а богами ги нема ни на пиратските сајтови. Оттаму, бираме помеѓу она што стигнало до нас, за што веќе сме пишувале или пак не сме стигнале да споделиме.

„Болка и слава“

Емотивен филм за некогаш славен режисер кому му се избројани деновите, неговото соочување со сопственото минато, минатите љубови и задоволства, и сегашните болки. Толкувано како автобиографско дело на Алмодовар, тоа сепак повеќе зборува за улогата на сомнежот, интроспекцијата и психичката болка во правењето добра уметност. Убедливо најдобра улога на Антонио Бандерас во драма до сега.

„Џокер“

Моќен приказ на анатомија на едно лудило и критика на современото општество кое истото го поттикнува. Контроверзен од првиот ден на неговото прикажување, и со крајно поделени критики, тој наводно промовира „опасни идеи“ кои би можеле да инспирираат слично насилство како она филмското. Апокалиптичната анархија која тој ја предвидува, еве, уште не се остварува. Но потиснатиот нихилизам тлее, и го труе секојдневието, кое само навидум е „нормално“.

Однапред му честитаме на Феникс за Оскарот. И повикуваме на повторно гледање на (навидум) попитом но исто така моќен филм на темата - „Паѓање“ на Џоел Шумахер од 1993, со Мајкл Даглас во главната улога.

„Паразит“

Јужно-корејска бизарна сатира на класното општество, која е глобално применлива. Комерцијално најуспешен неанглиски арт филм на 2019. Целосен Букбокс осврт за него тука.

„Ирецот“

Ем епски, ем некако елегичен, филмот на Скорсезе едноставно мора да се погледне, и заради носталгијата кон старите добри гангстерски филмови, но и заради актерската екипа. Технологијата на подмладување некако не им прилега, но полу-убедливоста на првиот дел се простува кога ќе се изгледа целиот. Сите 3,5 часа.

„Беше еднаш во Холивуд“

Можеби и не е најдоброто што го направил Тарантино, ама па бајковидната верзија на настаните поврзани со убиството на Шерон Тејт и бандата на Менсон е интересен ментален експеримент, во кој споредното и споредните стануваат главни, и тие имаат моќ тотално да ја променат воспоставената нарација. Помага и тоа што Бред Пит, како што старее, станува сè позгоден.

„Светлина на мојот живот“

Во последно време се изнагледавме дистопии во кои родители се обидуваат да си ги спасат децата од свет кој се распаѓа. Овој е нежна приказна за татко и ќерка, кој сепак завршува со светлина на излезот од мрачната шума. Подетален Букбокс осврт тука.

„Онаа која мислиш дека сум“ (Celle que vous croyez)

50-годишна разведена професорка креира лажен Фејсбук профил на 24-годишна. На профилната слика става млада, згодна и плава девојка. Убедлива и трогателна приказна за тоа како е да се биде средовечен во култура која ја промовира вечната младост и физичката убавина. Со Жилиет Бинош во главната улога, и добар пресврт на крајот од филмот.

„Буксмарт“ (Начитани)

Иако повеќе врзан со американскиот средношколски систем, филмот не е само за тинејџери, туку за оние кои во некој момент се почувствувале како „отпадници“ од својата генерација затоа што повеќе читале отколку што живееле.

Две крајно шармантни девојчиња се обидуваат во една ноќ да го надоместат сето она што го пропуштиле во текот на нивното „бубање“. Топол филм за пријателствата и растењето, дебитантски на Оливија Вајлд, која до сега повеќе ја знаевме како актерка (на пример во серијата д-р Хаус).

„Брачна приказна“ 

Во историјата на филмот вообичаена асоцијација на филм за развод е антологискиот „Крамер против Крамер“ со Мерил Стрип и Дастин Хофман. Новиот на Ноа Баумбах, со Адам Драјвер и Скарлет Јохансон можеби ќе стане новата референца, за пар со мало дете кој се обидува да преживее разделба, без емотивни лузни. Дали е тоа воопшто можно?

EДИТ, затоа што го изумивме:

„Соколот од путер од кикирики“ (Peanut Butter Falcon)

Хаклбери-финовска авантура за момче со Даунов синдром кој се обидува да го оствари својот сон - да стане професионален борач. Од авторите на „Малата госпоѓица Саншајн“, со Шиа ЛаБуф, кој непланирано му станува придружник и тренер на малиот Зак. Без непотребни сентиментални клишеа, приказна за пријателството и тешкиот пат до независноста.

Букбокс осврти за македонските Медена земја и Врба

Често спомнувани филмови, кои уште не сме ги гледале: Јојо Rabbit, Little Women, Кnives Out, An Elephant Sitting Still, цртаниот I Lost My Body, Two Popes. Ако имате предлог бујрум во коментари.

21 декември 2019 - 12:48