Само шест месеци по формирањето на издавачката куќа Пингвин хаус во 1935, издавачот кој на британскиот пазар извршил револуција со воведувањето на евтините изданија во мек повез што покажа дека „сериозните“ книги не се само за елитата, се пофалил дека има продадено три милиони примероци од тие први наслови. Неконвенционално достапни во различни продавници (како денес по супермаркети и пиљари), како и во традиционалните книжарници, „Пингвините“ сепак не објавувале само книги за масовна потрошувачка, од типот на љубовни романчиња или трилери.
Основачот на компанијата, Ален Лејн имал левичарска визија за социјал-демократски прогрес. Тој сакал да ја демократизира јавната сфера со „ангажирана читателска публика“.
Но за да го постигне ова му бил потребен и бренд, и препознатлива маскота. Лејн и неговите браќа ко-основачи, заедно со дизајнерскиот тим, со часови дискутирале и за името на компанијата и за нејзиното лого, без добро решение. Среде нивното дрдорење, со предлози кои вклучувале и животни, се слушнал гласот на секретарката од зад параванот (патем, се викала Џоан Колс) - „А да биде пингвин?“. Ова можеби се должело на популарноста на тогаш новоотворениот базен со пингвини во Лондонската зоолошка година.
Иако брендирањето како термин ќе се појави дури во 1950-тите, концептот веќе бил познат - маскоти имале производи како виски (Џони Вокер), фото апарати (Кодак девојките) или овес (Квекерот). Тие имале статус на филмски ѕвезди, а на забавите костумите со ваквите фигури од реклами биле многу популарни и често победувале на изборите за најдобра маска.
Пингвинот не е личност како спомнатите, но сепак неговиот исправен став и она што личи на црно-бел смокинг го правеле лесен за антропоморфизирање. Дизајнот на Едвард Јанг ја дофатил таа хумористична сличност. Луѓето ги купувале „Пингвините“, книгите кои најпрвин воопшто и немале дизајнирана корица, како симбол на авантурите на кои сакале да тргнат читајќи, нурнувајќи се во непознатите светови. И покрај поголем број редизајнирања на логото (со поглед на десно или на лево, играјќи или во посериозна верзија), тоа и денес е препознатливо за читателите низ целиот свет.