Првата сцена од „Светлина на мојот живот“ најавува за каква публика е наменет oвој филм - трае непрекинати 12 минути, снимана е од блиску, а во неа еден татко (кој останува безимен до крајот на филмот) ѝ раскажува импровизирана приказна на својата 11-годишна ќерка Рег. Таа е верзија на oнаа старозаветната, за Ноевата арка, архетипска претстава за крајот на светот, кој за Рег веќе се има случено - чума ги има покосено само женските примероци на човечкиот род, вклучително и нејзината мајка. Светот кој уште постои за неа се состои од еден шатор и неколку основни потрепштини кои таа и татко ѝ ги селат секогаш кога ќе наидат на други луѓе - мажи, кои сакаат да ѝ наштетат на Рег, и на сè женско што е останато на планетата.
Девојчето е „маскирано“ во широки дуксери и бејзбол капче, со кратка коса, а татко ѝ ја претставува како син по име Алекс. Паметна и послушна, таа сепак навлегува во возраст кога станува тешко да се крие, и кога веќе чувствува доволно самодоверба за да донесува самостојни одлуки, а не само да ги повторува од збор до збор инструкциите на тато. Почнува да поставува и тешки прашања - на пример, која е разликата помеѓу морал и етика. Татко ѝ нема проблем да ѝ го објасни тоа, но затоа пак почнува да пелтечи кога доаѓа до теми како секс и менструација.
Нивното патешествие е полно со тишини, пешачење, но и со „црвени аларми“, бегства и насилство. Колку може еден родител да си го заштити детето од лошотијата на светот? Во кој момент мора да ризикува, и да пушти тоа да порасне самото, наоѓајќи си го патот низ мрачните шуми до местото кое му служи како скривница и засолниште? Колку што ова е приказна за созревањето на Рег во екстремни околности, толку (или уште повеќе) ова е приказна за растењето како родител, во случајов на татко со женско дете, за кое според Афлек (кој е истовремено и сценарист, режисер и продуцент на филмот) современиот свет е многу поопасно место отколку за едно момче.
Темата на филмот е далеку од оригинална - во последно време се изнагледавме дистопии во кои родители се обидуваат да си ги спасат децата. Таквите споредби, кои се неминовни, го ставаат овој филм некаде помеѓу слабиот „Кутија со птици“ со Сандра Булок за мајка и две деца (за кој пишувавме тука), и одличниот „Патот“ (The Road) снимен според истоимениот роман на Кормак МекКарти, со Виго Мортенсен, за татко и син (додуша тука може да спаѓа и „Деца на човештвото“ на Куарон, за свет без деца воопшто). Сега, со постапокалиптичен филм за татко и ќерка кругот како да се затвора, па можеби ќе почекаме додека видиме некоја нова семејна комбинација во свет во кој се распаѓа.
Дел од медиумите во најавата или во коментирањето на филмот не пропуштаат да ја спомнат неговата можна врска со настаните од 2010, кога Афлек беше тужен од две колешки, кинематографка и продуцентка, заради сексуално и друго малтретирање на сетот на „Се уште тука“ (мокументарец со Жоакин Феникс кој Афлек исто така го режираше). Афлек вонсудски се спогоди со тужителките. Дури откако го доби Оскарот за „Манчестер на море“ во 2017 призна дека бил „непрофесионален“, иако се вадеше дека самиот процес на снимање на филмот подразбирал хаос и журкање, за атмосферата во него да биде што поуверлива. Дали овој филм кој во основа зборува за жените, нивната ранливост во агресивниот свет на мажите и нивното често бришење од наративите на човештвото е обид за некакво искупување? Афлек тврди дека почнал да го пишува сценариото пред обвинувањата, а на крајот на краиштата тие и не му причинија некои големи проблеми во споредба со куп други негови колеги, кои не можат ни да застанат раат пред камера а не па да направат авторски филм.
Оттаму, на страна од овие вонфилмски елементи, „Светлина на мојот живот“ е убаво снимен, тивок и на моменти депресивен филм, кој сепак завршува со светлина на излезот од мрачната шума. Среќен 44-ти роденден Кејси Афлек (кој во реалниот живот има два сина).