Беше почетокот на 2000-тите, кога семејниот живот се одвиваше помеѓу два заокружени датуми на календарот. Циклус на надеж, очекувања и стравови. Операции, ехо снимки, чашки полни со семенски „материјал“, и тело кое го одбива. Тивки средби со други жени во болничките ходници, крај кои некој залепил - „Секој треба да има три деца“. А некоја гневно го корегирала: „Секој треба да има три деца мажи“.
Симболиката на бројот три се провлекува низ „Врба“ како универзална митолошка матрица. Јунакот во народните песни и приказни (ретко жена) никогаш не успева од прва. Вториот обид му е за премин, челичење и вовед во зрелоста. Дури по третиот, космосот, убеден во чистотата на неговите мотиви и големината на неговите способности, му овозможува да победи. Или просто се уморува од тоа да му води инает.
Трите главни женски ликови во филмот кој се состои од три приказни се токму такви, силни, решителни, своеглави. Иако првата и другите две ги делат неколку векови, нивните судбини се дел од една иста плетка, како за двобоен појас: комбинација на телесност и поднебје, на биологија и култура. Не успевајќи да зачнат, тие посегнуваат по средства кои им стојат на располагање, во времето и на местото каде што се наоѓаат - зрна град, топли кравји лепешки, обиколување свети камења, естрогенски инекции, инсеминации, ин витро. На тој пат прават компромиси, склопуваат необични сојузништва, преземаат ризици. Мажите им се сочувствителни, но токму невестите се оние кои го м’кнат ѕевгарот волови низ сувата и штира земја, за фрленото семе да може да фати, или посвоеното дете да пркне.
Сепак, ова не е феминистички филм, иако и таквите читања се можни. Однесувањето на трите женски ликови е самосвесно не поради некакво идеолошко влијание однадвор, туку поради длабоката потреба да се опстане, и физички и ментално, во околности кои се далеку од поволни. Пустиот селски пејзаж од првиот дел во вториот е заменет со урбан хаос, лишен од емпатија, во кој важните човечки врски се одржуваат уште само на микро ниво - семејно и маалски. Во споредба со нeго, мрачните средовековни шуми полни демони делуваат како пристојно место за живеење.
Низ текстот се расфрлани куп референци на македонскиот фолклор. Донка, на пример, е можна асоцијација на Сербес Донка од истоимената велешка песна, која на денот на својата свршувачка побегнала за својот сакан - кондураџијата Милан. „Родна“ е магиско име давано на женски деца, без машки пандан, што укажува на тоа на чија страна е одговорноста за зачнувањето. Обиколувањето на каменот упатува на слични обреди, на пример кај Говедарев камен во Овчеполието, каде и денес на Ѓурѓовден се собира народ од сите вери. Но „фолклорни“ и препознатливи се и голем број современи мотиви, од „друг пат да имаш ситно“, „јас сум извршител, не Црвен крст“, до графитот позади Универзална - „Ова не е Америка“. Жална врба. Жална Македонија.
Сара, Наталија и Камка - Донка, Родна и Катерина - се трите грации на овој филм, кои достоинствено го носат женскиот и човечки товар на нивните ликови. Иако со многу помала улога, неизоставно треба да се спомене и Ана Костовска која ја игра мајката на последните две, а која е толку убедлива во својата отсечност и сурова реалистичност, што изгледа како воопшто и да не глуми. Машките главни ликови - Милан, Бранко (Никола и Ненад) - се нестереотипно топли и нежни, а особена боја даваат и неколку споредни, особено оние на Петар Мирчевски и Благоја Чоревски. Милчо пак со овој филм се враќа во својата земја, како свој на своето. Токму тука, на изворот, изгледа дека е најсилен.
Назад на почетокот на текстот, на премиерата на „Врба“ дојдов со мојот гинеколог - консултант на филмот, кој им има помогнато на бројни парови да добијат потомство. Она што никогаш не сум му го кажала е дека во нашиот седумгодишен „проект“ се има замешано и една баба од Порече. „Кога ќе завршите работа со мажот, крени ги нозете во вис, и стегни го срцето“, гласеше нејзиниот совет. Точно истиот кој го добивав после бројните инсеминации. „Врба“ мене, а и на многумина во публиката кои го минале истиот пат, за момент ни го стегна срцето. И нè потсети на важните работи, оние блиску до дома.
Илина, Букбокс