Селото Бекирлија, сместено во југозападниот дел на Овче поле, во 1900-та година имало 270 жители. Според последниот попис од 2002, таму живееле само пет души. На фотографиите од селото, пак, кои можат да се најдат на интернет, нема жив човек. Сув предел, по некоја самоникната грмушка и разрушени куќи низ чии процепи фучи зимскиот ветер, а лете се протнуваат гуштери. Без прецизна географска одредница, каква што „Медена земја“ всушност и не нуди, пределот може да е каде и да е на планетава, на место за кое обично велиме дека е „заборавено од Господ“.
Токму тука го запознаваме главниот лик, средовечната Атиџе, единствена преживеана ќерка од некогашните четири во семеjството Муратови, стамен столб на нејзиното трошно домаќинство, со земјен под и без струја, во која живее со неподвижната и полуслепа 85-годишна мајка. Нивен извор на приход е медот од диви пчели, скриени во тајни „џепови“ во планината и во камените мусандри на старите куќи, кои само Атиџе знае да ги најде. Само таа знае и да се разбере со пчелите, и правично да го подели медот: пола за неа - пола за нив. Од време на време со воз доаѓа на Скопје за да го продаде собраното, и во незаборавна сцена на Бит пазар да одбере лепеза за мајка си, а за себе „кестен“ фарба за коса.
Иако далеку од идиличен, овој микро-свет делува стабилно, хармонично и достоинствено. Но само до моментот кога во него ќе се стационираат приколката и стоката на номадите Хусеин и Љутвие и нивните седум деца, а потоа и нивните пчелини кошници, кои ќе го пореметат грижливо воспоставениот однос на Атиџе со природата. Најпрвин радосна што има друштво, нежна со децата како и со сите други суштества околу себе, таа наскоро сфаќа дека „пола за пчелите-пола за човекот“ за Хусеин нема да важи. Неговата желба за брза заработувачка по цена на еколошка катастрофа, и притисокот кој го трпи од откупувачот на неговиот мед кој речиси во сите сцени во кои се појавува алчно гнете саќе (вклучително и во онаа во која за да собере диви пчели буквално ја сече гранката на која седи), се симболични за начинот на кој долгата рака на капитализмот успева да допре дури и до ваквите забаталени места. Навикнати да мислиме на него како за апстрактно, корпоративно чудовиште, забораваме дека тој сепак може да има препознатлив облик, во случајов на човек кој очајно се обидува да си ги прехрани децата.
Токму ова е причината зошто авторите на филмот не го прикажуваат Хусеин како злосторник. Тие едноставно констатираат ситуација во која патиштата на одржливиот развој и на бескомпромисниот профит во еден момент се разминуваат. Точно како што во една навидум лирска сцена се разминуваат Атиџе на земјата, и еден авион, појден во кој знае кој правец, на небото.
Кога филмот доби неверојатни три награди на фестивалот Санденс - за најдобар документарец, специјална награда за општествени промени и награди за снимателите Фејми Даут и Самир Љума, бевме горди на нив на невидено. Но сега, по одгледаниот филм разбираме и зошто ги добиле. На режисерите Тамара Котеска и Љубомир Стефанов, на продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и на спомнатите сниматели им посакуваме и понатаму да им течат филмски мед и млеко. Ние по филмот почувствувавме носталгија по свет кој всушност никогаш не сме го доживеале - таков во кој можеш да присуствуваш на раѓање на теле како тоа да е најобична работа, да се радуваш на фатен радио сигнал, и да си во соживот со она што е околу тебе, бивајќи задоволен и со малку.
Со купување на тегла мед можете да донирате за образованието на седумте деца од семејството Сам. Всушност, осум, бидејќи последното се родило на истиот ден кога филмот имаше премиера на Санденс. Бериќатварсан!
Илина, Букбокс