Тенисот во 2015-та

Годината што изминува белиот спорт ќе ја памети по доминацијата на Новак Ѓоковиќ и Серена Вилијамс, рутината на ветеранот Федерер, шарлатанското однесување на Ник Кирјос, како и по контраверзните изјави на некои тенисери дека меѓу тенисерките имало многу лезбијки.

Рекордот на Ѓоковиќ во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ по рекорден петти пат го крена трофејот на овој турнир. Во третото меѓусебно финале на првиот Грен Слем од годината со Енди Мареј во Мелбурн, првиот светски рекет победи по трет пат и ја најави неверојатната година. 3 часа и 40 минути му требаа на Србинот да се израмни со рекордните пет трофеи во Мелбурн на Агаси и Федерер.

(Не)очекуваниот пад на Рафа Надал

Шпанската тениска фурија ќе биде еден од оние играчи што едвај чекаат да се поздрават со 2015-та. Бројките годинава му беа катастрофални. Испадна во Доха, на Аустралијан Опен испадна во 1/4 финалето, а губеше и во Рио, на Индијан Велс, во Мајами.... Рафа ја заврши сезоната со 61 победа и 20 порази. На АТП листата е петтопласиран.

Стан Вавринка го освои Ролан Гарос

Швајцарецот со фантастичен тенис ја изненади светската јавност на Ролан Гарос кога не му дозволи на Ѓоковиќ да стигне до единствениот Грем Слем кој му фали во кариерата. Вавринка славеше 3-1 и стигна до вториот Слем во кариерата. После мечот изјави дека победата многу му значи, но дека му е криво што ја остварил против човекот кој целата сезона ја темпираше за овој турнир.

Габи Мугуруза го освежи женскиот тенис

За шпанската тенисерка широката јавност дозна уште во 2014-та кога ја елиминираше големата Серена Вилијамс во втората рунда од Ролан Гарос. Годинава Габи отиде многу повеќе и стигна до финалето на Вимблдон. Шпанија цели 18 години немаше женски претставник во полуфиналето на Вимблдон, а годинава Мугуруза стигна дури до финалето каде загуби од Серена.

Пргавиот Ник Кирјос

2015-та по скандали ја одбележа Ник Кирјос, Австралиецот роден во Канбера по татко Грк и мајка Малезијка. Освен по простаклукот, Кирјос годинава стигна во центарот на фокусот по скандалозниот однос на мечот со Стен Вавринка, на кој ја навредуваше девојката на Швајцарецот, хрватската тенисерка Дона Векиќ. Светската тениска федерација за тоа го казни со 3.500 долари и 28 дена суспензија.

Нови ас рекорди на бомбардерите

Иво Карловиќ и натаму води на табелата со најмногу асови во кариерата, 10.442. Хрватот годинава ги реметеше противниците со страшниот ас кој ретко кој може да му го врати. Кај жените, нов рекорд во асови на еден меч постави Сабина Лисицки, која удри 27 аса на мечот против Белинда Бенчиќ од Швајцарија.

Последниот Вимблдон на големиот борец

Еден од најомилените спортисти на Австралијците и Британците, Лејтон Хјуит се прости од Вимблдон а со тенисот ќе се збогува веројатно после Австралија Опен во јануари 2016-та. Учинокот на Вимблдон на Лејтон Хјуит е: 57 одиграни натпревари, 41 победа, 16 порази ,72% победи, 1 титула во сингл.

Новак го крена пехарот на Вимблдон

По речиси три часа атомски тенис, Србинот по трет пат го крена пехарот на најпрестижниот турнир во белиот спорт. Новак го совлада Роже Федерер со 3-1 во сетови и на тој начин го збогати личниот музеј со 9-ти Грен Слем трофеј. Сите бројки на Ѓоковиќ во 2015-та тука.

Серена спортист на годината според Спортс Илустрејд

Соочена со извесни здравствени проблеми, Вилијамс помладата ја продолжи доминацијата во женскиот тенис. И пократј тоа што на пар натпревари ѝ се влошуваше физичката состојба, Американката не се предаваше и заслужено го држи тронот. Серена годинава го освои својот трет историски Ролан Гарос и вкупно 20-та титула во кариерата. Во париското финале ја совлада Луси Сафарова, тенисерката од Чешка која што првпат во кариерата играше во едно Грен Слем финале.