Противничките паѓаат како снопови сено пред Гарбин Мугуруза, 21-годишната Шпанка која е најпријатно изненадување на Вимблдон годинава. Рангирана на 20. место, Мугуруза во претходните рунди ги совлада подобро рангираните Анџелик Кербер и Каролина Вонзијацки, а вчера беше подобра и од Тимеа Башински.
Мугуруза славеше против Швајцарката 7-5, 6-3 и го обезбеди првото полуфинале на еден Грен Слем за неа.
„Изненадена сум што моето прво полуфинале е на трева. Мислам дека играм добро и дека подлогата ми одговара", изјави кратко Мугуруза по вчерашниот триумф.
Шпанката стигна во јавноста минатата година кога ја шокираше Серена Вилијамс во втората рунда од Ролан Гарос.
Мугуруза воедно стана и првата тенисерка од Шпанија, после Аранча Санчез Викарио која стигнала до полуфинале на Вимблдон. Шпанија цели 18 години немаше претставник во оваа рунда од престижниот турнир. Кончита Мартинез која во понеделникот стана нов шпански селектор на Дејвис Куп селекцијата го освои Вимблдон во 1994. година. Мугуруза изјави дека не сака да размислува за историски трофеј за нејзината земја.
„Не сакам да размислувам за тоа, затоа што тоа нема да ми помогне во моментов. Сакам само добро да се спремам за следниот меч“, изјави Мугуруза.
Следниот меч на Шпанката е против Ањешка Радвањска која со 2-1 во сетови ја совлада Медисон Кејс. Радвањска беше вицешампион на Вимблдон во 2012. година, но ги загуби последните 2 средби против Мугуруза на тврда подлога сезонава. Во второто полуфинале ќе играат Серена Вилијамс и Марија Шарапова.
Последниот поен и радоста вчера против Башински: