И покрај тоа што во четвртфиналето го елиминираше неговиот најголем ривал и крал на земјените терени Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ не успеа да го оствари својот сон и да го освои Ролан Гарос.
После повеќе од три часа тенис во денешното финале, Станислас Вавринка го совлада Новак Ѓоковиќ со 3-1 во сетови (4-6, 6-4, 6-3 и 6-4) и стигна до својот прв пехар на Ролан Гарос, а втор Гренд слем во кариерата. На денешното финале, пред Ѓоковиќ стоеше одлична шанса да влезе во редот на тенисерите кои ги освоиле сите четири Гренд слем титули, но не успеа.
Ѓоковиќ стартуваше во свој стил, одлично сервираше и веќе во седмиот гем му се израдува на брејкот и стигна до предност од 1-0 во сетови. Во вториот сет, Вавринка се изненади и самиот себеси со спектакуларен тенис, погоди сè што можеше да се погоди, а сервисот му беше идеален по што израмни на 1-1.
Третиот сет како да го наговести падот на Ѓоковиќ, кој и покрај големата битка не успеа да одговори на силните напади на Швајцарецот кој го држеше ритамот и заслужено поведе со 2-1.
Во четвртата епизода од мечот, Ѓоковиќ поведе со убедливи 3-0, но Вавринка докажа дека е решен да влезе во историјата и нанижа неверојатни шест гема по ред и со 6-3 го затвори мечот. На крајот големи овации и за двајцата тенисери, а Ѓоковиќ не можеше да ги задржи емоциите, па се расплаче по 10-минутниот аплауз кој го доби од публиката во Париз.
„Стен, ти честитам, го заслужи ова. Тешко е да се зборува во моментов, но во животот има и поважни работи од победите... Стен, ти си голем шампион, ја заслужи оваа победа. Фала на мојот тим, на француската публика за поддршката и на сите оние кои направија одлична атмосфера. Сакам да ви кажам дека ќе продолжам да се борам за овој трофеј. Ќе се вратам следната година", истакна Новак Ѓоковиќ во последното обраќање после 2-неделниот престој во Париз.
Новиот шампион на Ролан Гарос, Стен Вавринка уште беше во шок по големата победа и му честиташе на Ѓоковиќ за одличниот турнир.
„Новак, ти честитам на големата кариера, ти играш фантастично и сигурен сум дека еден ден ќе го освоиш Ролан Гарос", заклучи Вавринка кој го крена трофејот на „Четворицата мускетари" во француската престолнина.
Следен на програмата е престижниот Вимблдон, после кој следува и Грен слемот УС Опен во САД.
Меч поенот за историска титула на Вавринка:
Утешната награда за Ѓоковиќ, кој му честиташе на Вавринка: