Писмо од читател: НБА поезија

“Собрани дела” – од Стеф Кари и Голден Стејт Вориорс

Се игра природна кошарка, со технички феноменални играчи кои сиот свој талент го демонстрираат пред сè умствено, а не физички и многу често доведувајќи ги до лудило нивните противници со погодени шутеви преку рака или од мртов агол. Првиот стрелец во лигата е заслужено кандидат број 1 за МВП, игра 30тина минути и постигнува исто толку поени.

После добри десет години се решив да се разбудам среде ноќ за да гледам НБА. Или подобро да кажам рано сабајле во 4.30 бидејќи гледав натпревар од далечниот Запад, во сончевата Калифорнија или поточно Оукленд. Дерби на западот, дуел на првите две екипи по успешност во НБА караванот – шампионите Голден Стејт Вориорс и секогаш незгодните Сан Антонио Спарс. Последен пат кога се будев сред ноќ бев при крај на основното образование и веднаш по крајот на мечот одев на часови прва смена. Сега е исто, само што продолжувам директ на работа. Чувството го знаат веројатно НБА фанатиците, да не објаснувам како после се издржуваат 8 часа на работа, со еден збор страшно е.

Од генерацијата на Сакраменто Кингс предводена од Владе Дивац, Пеџа Стојаковиќ, Крис Вебер и за мене (тогаш) омилениот Мајк Биби, се до денес следев НБА со едно око. Тогаш тие играа класичен “run & gun”, атрактивно за око но исто така и доста профитабилно во поглед на односот на порази и победи. Штета што тоа не може и да се каже за освоените титули бидејќи останаа на нула, франшизата се растури и дури сега после 10тина години се опоравува со одличниот Буги Казнс. Во овие 10 години чисто следев да знам кој е кој, претежно со 3-4 проследени репризи годишно. Немаше екипа да ме заинтригира, немаше некој шмек во сета таа физикалија која најпрвин ја почнаа Детроит Пистонс, потоа и Сан Антонио со својата тврда кошарка и секако, за мене барем, форсираното трио на Мајами Хит од пред неколку години кои како така стигнаа до пар прстени. Не ми лежат оние кои ја силуваат топката, оние кои секогаш ќе ја стават во прв план својата сила и во голем дел од случаите ќе играат за своја слава. Повеќе давам предност на тимската кошарка, тактиката и паметно изиграната акција која тренерот ја нацртал или смислил во конкретната ротација. Можеби затоа и и давам предност на европската кошарка која во последните години е сè поблиска до НБА.

Но, да не должам за тоа бидејќи воведот и онака веќе е подолг ... да се вратам на темата, а тоа е  Голден Стејт Вориорс и неговиот предводник – Стеф Кари. Не обраќам многу внимание на статистичките параметри кои ги следат од почетокот на сезоната, најпрвин со рекордниот старт, потоа со домашните победи, а секако и главното бркање на резултатот на Булси од пред 20 години. За мене статистиката е занемарлив показател и се покажало дека без разлика што некој ги има бројките, сепак на крајот може да остане со празни раце. Се покажа и сабајлево. Дуел на екипите со најдобар скор на западот и во целата лига, на прв поглед дуел што треба да се решава со еден посед а сепак на крајот резултатот беше 30+ за домаќините. И тука воопшто не сакам да ја спомнам леснотијата со која тоа е постигнато во натпревар кога играчот број 1 игра 30тина минути а постигнува како од шега 38 поени. Да, ќе кажат многумина дека регуларниот дел од сезоната и плеј-офот се две различни приказни ама сепак 30 разлика со најголемиот конкурент од Западот, и 40тина разлика со најдобриот тим од Истокот во недела дена е резултат за секој респект. 

Што е клучот? Некој ќе каже тоа е Дрејмонд Грин кој игра во транс на двата дела од теренот. Вистина, дечкото е ѕвер! Игра напад разновидно, доста често асистира или пак го прави она второ додавање пред поентирањето, цврсти блокови за бековите, во скокот сигурен. Во одбрана гризе, може да игра на 3, 4 или 5 иако најмногу му лежи природната 4-ка. Од времето на Лери Џонсон немам сретнато таков играч, единствено Крис Вебер кој сепак ја немаше таа енергија која Грин ја носи со себе. Мостот помеѓу двата феноменални бекови е токму Грин, а се покажа дека на натпреварите кога тој не игра на Вориорси им оди многу потешко. Без него имаат два од четирите порази оваа сезона.

Но, сепак без Стеф Кари не би имале 41 победа од 45 натпревари и тоа е за мене клучот. Синот на Дел Кари, по градба ситниот плеј од 191 сантиметар со и не баш изразен атлетицизам претворен во мускули како голем дел од неговите колеги на таа позиција, но сепак со нешто посебно што го носи во себе и што го прави најдобар играч на денешницата. Кога ќе ја земе топката и ќе тргне во прв дриблинг не може да се предвиди дали предноста ќе ја искористи за влез до крај или пак ќе запре за да шутне. Тој претпочита да шутира повеќе, и мора да се признае дека му оди одлично. Најмладиот играч во НБА кој стигнал до 1.400 тројки, а ланскиот рекорд на постигнати тројки во една сезона најверојатно ќе го сруши уште во регуларниот дел од сезоната. Не сум видел ниеден играч со таква леснотија да постигнува поени и тоа не се должи само на одличниот шут и процентите кои тој ги има туку и на самата селекција на шут. Изгледа бесмислено понекогаш кога ќе шутне од 9-10 метри, а има уште 10 секунди од нападот ама сепак тие шутеви ја кинат мрежичката. Кога на него не му оди, знае да повлече кочница – тоа е оној момент на вградена кошаркарска интелигенција и несилување на топката кога ништо не оди од рака. За негова среќа го има Томпсон кој како класичен сатар-бек-шутер знае многу добро да ја извади ситуацијата. Ама, во клучни моменти се знае дека топката оди кај Стеф и тука ретко кој може со него да излезе на крај. Психолошки спремен, во (физички) најдобрите играчки години, со феноменална банда околу себе и стручен штаб кој има глава и опаш, успехот е неминовност.

За мене лично е уживање да се гледа ваква кошарка. НБА како лига во последните 20-30 години значително ја има изменето кошаркарскта игра во смисла на тоа што неретко по цена на атрактивност судиите знаат да замижат на добар блок, да недосудат очигледни чекори или неправилно водење, да пуштат предност во контра напад иако има очигледен фаул за спречување на контрата од одбранбениот играч. Тоа е секако свесно направено од Дејвид Штерн и целата организација со цел поголема атрактивност, гледаност и секако обрт на капитал. Сите овие работи кај Вориорси за среќа не ги гледам. Се игра природна кошарка, со технички феноменални играчи кои сиот свој талент го демонстрираат пред сè умствено, а не физички и многу често доведувајќи ги до лудило нивните противници со погодени шутеви преку рака, од мртов агол или пак на истек од нападот. Разликата која ја прикажуваат е очигледна, а нивното трио Кари-Томпсон-Грин е створено речиси од ништо, искреирано по природен пат и да, тука мислам обратно од триата Пирс-Гарнет-Ален или пак Вејд-Џејмс-Бош кои иако имаа резултати сепак се покажа дека не се за долги патеки. Не би сакал понатаму да споредувам бидејќи навистина нема потреба. Првиот стрелец во лигата е заслужено кандидат број 1 за МВП играјќи 30тина минути по натпревар а постигнувајќи исто толку поени. Со насмевка на лицето, постојано грицкајќи ја неговата заштитна гума во устата, денес им фрли ракавица на Спарси и Грег Попович кои ако сакаат да стигнат до шестиот прстен ќе мора добро да се потрудат изнаоѓајќи решенија во нивното најсилно оружје – одбраната. Имаат уште 3 дуели во регуларниот дел, а потоа во плеј-офот минимум уште 4. По Ол-стар викендот ни следи уште позанимлив дел пред плејофот кога ќе се одлучуваат позициите на табелата. Едно е сигурно, Голден Стејт ќе стартува од пол-позицијата и се освен одбрана на шампионската титула од лани ќе биде рамно на големо изненадување.

Il Consigliere

Другите писма од него:

ЧКЕМБАРСКА НАДВОРЕШНО-ВНАТРЕШНА ПОЛИТИКА

HOLMEDSALE FANATICS – ЕДИНСТВЕНАТА ULTRAS ГРУПА ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА

ИМИЊАТА НЕ ГИ ДАВАМЕ

КЛУБ, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ИЛИ ДВЕТЕ?

26 јануари 2016 - 11:31