Минатата недела бев на семинар и таман помислив дека барем на недела дена ќе избегам од секојдневието и сите навивачки ситуации кои ми се во видикот на случувањата. Ама, бидејќи не сум таа среќа нормално, имав екстремно марфиевски случај да од двајцата цимери во хотелот (кои патем речено ги правеше организаторот, значи скроз случајно!) двајцата да бидат навивачи, или во превод “аванти ултрас” соба - 3/3, 100% учинок. Феноменално, да можев да бирам немаше вака да ми излезе работата. Едниот беше Босанец, член на младината на БХ Фанатикос – групата која ја следи БиХ било кога и било каде, без оглед на резултати и околностите и која е 99% десно ориентирана во поглед на патриотизмот и националните чувства, а другиот беше Албанец од Тирана и навивач на Партизани од Тирана – за неупатените тоа е вистински комунистички клуб, со навивачи кои се лево ориентирани, имаат петокраки на транспарентите а идол им е никој друг туку најголемиот син на југословенските народи и народности, ел гранде Тито. Исто така се редовни на репрезентативните собири. Значи, имав еден десен и еден лев, а и креветите за волја на вистината беа така наместени (и ај после не верувај во натприродни моќи и феномени) ставајќи ме мене во средина на собата и секако сите понатамошни збиднувања. Како да знаеше космосот дека сум идеолошки помеѓу двете страни, бидејќи логично и од двете треба да се земе нешто за да се добие она вистинскиото што се однесува на спортот.
Туку, да тргнеме полека кон приказната и она што ми е поентата. Нема да должам многу околу тоа како тие функционираат, каква им е организацијата околу најосновните работи него ќе се задржам на она најбитното кое ние секако дека во моментов не можеме да го направиме: организирано навивачко бодрење на нашата репрезентација, во било кој спорт. Имавме супер ситуации во изминативе 20тина години каде што со неколку обиди можеше да се направи каква-таква приказна. Не успеа. Зошто? Бидејќи беше инстант, набрзина и без план и организација. Со никаква понатамошна визија, без луѓе со идеја и напредна мисла. А не е дека немаше услови и пари. Некој ќе каже, немаме резултати, ужас сме, катастрофа, дебили играат. Какви-такви, наши се и треба барем да пробаме да им дадеме поддршка па на крајот ако не чинат ќе ги пцуеме и кудиме. Вака, со седење од фотеља (а по ново и од вц шолја со мобилните во раце) нема никогаш ништо да смениме. БХ Фанатикос со мојот хотелски цимер го имаа сменето целото раководство на нивниот сојуз бидејќи украдоа милиони, а не направија ништо. Донесоа здрави луѓе на позициите, селектори кои имале супер кариери во минатото и одлична генерација на играчи кои сите до еден заслужиле да играат за репрезентацијата.
Резултат? Пласман на СП минатата година, а имаат и изгледни шанси да одат и на ЕП следната, аргентинска атмосфера на секој меч, преполни стадиони на сите домашни натпревари и пример за организирани гостувања во странство каде што во просек се сигурно повеќе илјади. Дијаспорците исто така си го прават своето но сепак приказната ја водат оние локални од БиХ, членови на групите кои одат организирано на Сараево, Жељезничар,Челик, Слобода, Вележ итн. Имаат лига во која локал-патриотизмот е на највисоко ниво и каде што освен во Сараево каде што се поделени на бордо и плави, во сите други места доминираат локалните клубови. Во една таква ситуација каде што е присутен и големиот национален набој помеѓу другите два ентитети во државата, тие сепак на клупско ниво се ривали но кога ќе дојде време да игра репрезентацијата застануваат рамо до рамо. Слично е и со Хрватите, а да не зборуваме понатаму за Пољаците, Русите, Англичаните итн. каде што сето тоа е со многу повисок стандард што се однесува до навивачките критериуми.
Играчите играат во своите клубови, гризат едни против други секој викенд, ама сепак кога ќе дојдат на ред репрезентативните обврски тие се на иста страна. Исто (треба да) е и со навивачите. Ривалствата постојат, траат и ќе продолжат да траат ама кога ќе дојде повикот од националниот селектор сите би требале да се јавиме. Без разлика на спортот, дали се квалификации или завршница на некое првенство (а не е дека немало прилика за сето тоа подобро да изгледа) и секако без разлика на претходните резултати, ситуацијата на табелата и најбитно дневната временска прогноза. Немаме некои навивачки групи кои се премногу зајадени помеѓу себе, дури и доста пријателства има помеѓу самите навивачи иако клубовите и групите им се ривалски и тоа е уште една причина како може да се стигне полесно до национална обединетост на спортските натпреварувања. Признавам, кога се играа првенствата во ракомет во Хрватска и Србија имаше супер слики, атмосфера, бројност и фанатизам. Ама, нешто недостасува. Сите тие карневалски маски, боење на лицата со боја, селфиња итн. не се традиционален белег на спортските натпреварувања туку на некои циркузантски појави (без навреда секако за тие што тоа го правеле). Нивото на навивачка едуцираност таму беше доста ниско иако имаше и ликови кои знаат како треба, ама во недостаток на поддршка не би се замарале за нешто повеќе освен со “Излези момче право на тераса”. Сепак, патувањето си го доживеале како одмор вон државата и не би сакале некој да им ја руши калимерата. Нема спорт без вистински навивачи, без навивачка песна и силно скандирање, бодрење и оставање срце на терен. Ако можат другите, зошто да не можеме ние?
Некој ќе каже дека не сака да оди да навива за репрезентација бидејќи за неа играат Албанци?!
Како на истите тие не им пречи кога играат Меккејлеб ,Хендрикс, Стак итн. за кошаркарската селекција, како не им пречеа српските, црногорските и хрватските играчи во ватерполо репката, како не им пречеше кога Шаќири го утепа Симан со гол од корнер? Тоа се само изговори. За репрезентацијата треба да играат најдобрите, без разлика кои се и како се викаат. Додека оставаат пот на дресот, пукаат аркади во воздушни дуели и уклизуваат без компромис, тие ќе бидат избраните. А резултатот кога-тогаш ќе дојде, само ќе биде малце незгодно бидејќи тогаш ќе се наполни стадионот заради резултатот, а не заради самите играчи и името на репрезентацијата .
Секако, чест на исклучоци кои се секогаш на трибините, кои своите годишни одмори ги трошат за да ја следат репрезентацијата насекаде, кои не штедат средства да бидат дел од пишувањето на некоја историја.
Многу комплексна и широка тема, а овој пат нема да се задржам на општествениот и социолошки контекст на ова прашање, за тоа во некоја друга прилика. Сега за сега работите ќе ги оставам црно-бели или пак подобро црвено-жолти како потсетник кои се боите што ги бранат и Лазаров и Пандев, и Меккејлеб и Хендрикс, и Хасани и Демири, и Перчиниќ и Бениќ. Тие се сите МАКЕДОНИЈА!
https://www.youtube.com/watch?v=FGPaIx1CKus
Il Consigliere