Во екот на бегалската криза и дневнополитичкото секојдневие сервирано низ медиумите, Чкембарите од Битола се решија своето мислење да го прикажат во крајно интересната втора македонска фудбалска лига – сепак, тука паролите имаат најголем одек во фудбалска Европа а на навивачки план со овие нивни два минуси тие си направија еден голем плус. NOT!
Веројатно идејата им дошла во сабота од 15.30 часот следејќи ги натпреварите од Бундес-лигата. Германците повторно се покажаа како добри домаќини и моментален светски центар за бегалците од Сирија, Авганистан, Ирак итн. а фановите на Дортмунд, Вердер, Баерн Минхен, Хамбургер итн. извадија пароли со добредојде за новите потенцијални навивачи на нивните клубови.
Маркетиншки доста популарен и иновативен потег бидејќи сите тие бегалци од Блискиот Исток имаат намера да ги продолжат своите животи во Германија, нормално живеејќи и градејќи ја својата иднина и сигурно е дека голем дел од нив ќе биде и дел од германските стадиони. Иако лично за мене ова не е нешто со кое би се гордеел доколку го направи мојата група, сепак е интересно да се види како размислува просечниот германски ултрас мозок.
Од друга страна пак, Битола иако не е дел од рутата на бегалците и тие немаат никаква намера да ги продолжат своите животи било каде во Македонија, навивачите на битолски Пелистер од подгрупата при катедрата на Факултетот за политички науки (бруцоши очигледно) се почувствуваа должни да го кажат своето мислење околу проблемот со мигрантите.
Иако сме само двестекилометарски транзит за сите оние несреќници кои бегајќи од војната мораат да поминат и низ нашата напатена Македонија, тоа не им пречи на Битолчани да си го кажат својот став по прашањето за кое се далеку од повикани да даваат мислење.
Само една недела претходно тие застанаа и против ИСИС осудувајќи го убиството на хрватскиот новинар, инаку бивши член на Бед Блу Бојс, Томислав Салопек. Ова некако и можам да го сфатам бидејќи доста групи во Европа изразија поддршка против терористите на ИСИС.
Брзините се малку измешани и треба да се внимава што се прави. Сепак, на натпреварите треба да преовладува спортска атмосфера проследена со интересни и креативни решенија од навивачите на било која екипа. Тука, некој сакајќи да испадне интересен на крајот излегува повеќе од смешен.
Il Consigliere