Писмо на читател за навивачките групи во Македонија

Имињата не ги даваме

Читателот кој ни објасни дека без разлика на квалитетот на нашите репрезентации, поддршката наместо со мобилен на вц шолја, треба да се даде на лице место, овој пат ги собра на купче сите навивачки групи од Македонија. Резултатот е преинтересен. Сме имале Улави, Багабонти и Ѓаоли.

Пред некое време имав еден гостин, дечко од Русија, и (несакајќи) ја начнавме темата за македонските навивачки групи и нивните имиња. Математиката вели дека на 25.713 километри квадратни ние имаме околу 40 различни навивачки групи или во превод една на околу 600 квадратни километри што е доста густ распоред, ама да дојде вака некој од страна ќе види дека не е сè во математиката како што викаат владините кампањи.

Туку, што ми беше муабетот. Кога почнавме да зборуваме за групичките по внатрешноста јас не можев да излезам на крај со објаснувањата за нивните имиња. Зошто така се викаат, од кај сеа тоа, што има тоа врска со навивање? А на овие што им значи ова, па тоа не сум го видел никаде! И така во круг едно два саати го решававме прашањето со имињата небаре Нимиц ни е прв комшија.

Заклучив дека иако немаме јаки групи, немаме многу навивачки трофеи, немаме гостувања по странство или се бројат на прсти, немаме здрава навивачка приказна и да не должам многу НЕМАМЕ НАВИВАЧКА СЦЕНА, ние сепак сме имале нешто автентично со кое можеме на светот да му бидеме трн во око, да бидеме уникатни макар и на овој начин. Се мислев како да ги групирам групите според нивните имиња, дали според географската положба, дали според нутриционите вредности на материите кои тие ги претставуваат, дали според историската конотација или пак нешто сосема друго. Бидејќи не можев да се одлучам за ниеден начин на делба а и мислам дека поделби веќе не ни се потребни меѓу нас, се решив сите да ги ставам во една гајба која на раат верувам дека ќе ја испиете. 

Сејмени Кочани

Кратери Кратово кои еволуираа во Грофови, но само за кратко бидејќи Шверцери Чаир ги расформираа.

Багабонти Пробиштип

Багери Македонска Каменица

Улави Виница

Калинкари Валандово

Иљови Внуци Берово

Пирати Пирава кои се имењаци со Пирати Автокоманда

Ајдуци Струмица

Винари Неготино

Лозари Кавадарци

Фаланга Штип

Овчари Свети Николе

Лебари Радовиш

Фантоми Гевгелија

Гемиџии Велес, а исто и колегите од Гостивар го носат тоа име.

Кумани Куманово

Мајмуни Прилеп

Чкембари Битола

Патриоти Ресен

Рибари Охрид

Паткари Струга

Ѓаоли Кичево

Војводи Тетово

Комити Скопје

Мала криза на идентитот и некористење на традиционални македонски називи за своите групи имаат триото скопски групи + навивачите на Работнички во фудбал кои веќе до сега имаат сменето три имиња под влијание на странските фактори.

Division Hanrievo (Екс Лавови Ѓорче Петров)

City Park Boys

Family Aerodrom

Legija V

Романтичари

Херои

За крај, дел од албанските групи на територија на РМ кои сакале-нејќеле потпаднале под слично влијание при земањето на имињата како и овие нашите.

Шверцери Чаир

Балисти Тетово

Илири Куманово

Султани Врапчиште

Уште едни Патриоти, овие се од Струга.

Ребелет Сарај

Соколат Дебар

Кастриоти Гостивар

Кога се ќе собереме и ставиме на еден куп може да се каже едно големо БРАВО ЗА КУМОВИТЕ! Имаме животни, борци, крадци, занаетчии, машини, појави и што уште не. Споредувајќи со навивачките групи од околината далеку сме во предност во однос на овој тип на оригиналност. За другите работи малку повеќе треба да се потрудиме ...

Il Consigliere

8 јули 2015 - 12:15