Во брзото менување канали во саботното попладне сосема случајно налетав на она за што подетално денес ќе пишувам. Во сета таа викенд летаргија и фудбалски полусон овие момци ме разбудија повеќе од било кое силно кафе досега. На прва кога се вклучив во преносот мислев дека се работи за ултрасите на ФК Базел кои имаат сличен тренд и носат темни маички или јакни надополнети со традиционалните бои на клубот – плава и црвена. Сепак, овој пат не беа Швајцарците на програмата туку ни помалку ни повеќе ригидните англичани и во тој дуел на фаворитот Арсенал нормално како и секогаш почнав да навивам за послабиот односно гордоста на HOLMESDALE FANATICS и на поголемиот дел од Јужен Лондон – екипата на Кристал Палас.
Вообичаено не гледам англиски фудбал доколку не се работи за некое дерби и во широк лак ги одбегнувам екипите кои секоја година се менуваат во Премиер Лигата бидејќи никако не можам да ги испофаќам. Додека изиграат една сезона веќе ќе испаднат ранг подолу и никако да направам континуитет на следење. Овојпат се решив да го гледам мечот чисто за да ги проследам домашните навивачи. Ми беше нов целиот тој концепт бидејќи се знае каков е англискиот стил на навивање, а се знае каков е италијанскиот. Си реков дека овие нешто застраниле, па иако нема услови за ултрас атмосфера, иако нема менталитет кај останатите навивачи, тие сепак добро се снаоѓаат. Убаво изгледаат за почеток, имаат конкретни транспаренти, мали барјаци во боите на клубот, развиен маркетинг а богами и добро се слушаа во преносот како континуирано пеат. Англискиот стил подразбира кратки скандирања или песни со 2-3 стиха кои за волја на вистината во голем дел од случаите се доста креативни и знаат добро да ме насмеат. Кај овие момци тоа не беше случај: Убаво се слушаше песна во поголемиот дел од натпреварот, а често и камерата кога ќе ги снимеше во нивното ќоше се гледаше дека добро се забавуваат. Ултрас елементите се тука, барем на хартија ако ништо друго. За мене за почеток сосема доволно со оглед на рестриктивните закони кои владеат во Англија а се однесуваат на т.н. насилство на спортските терени. Да не зборувам за работата на стјуардите, камерите кои го покриваат секој сантиметар од гледалиштето, неможноста за слободно движење надвор од твоето место. Тоа се сите работи кои го убиваат фудбалот, ја убиваат страста и емоцијата кога не можеш како што треба да се израдуваш на гол од твојата екипа, кога не можеш да го опцуеш противничиот играч или да му направиш притисок, кога одиш на натпревар а се чувствуваш како во театар. Затоа и ми беа интересни момциве: одат контра тие работи, се трудат од ништо да направат нешто, пробуваат некој филм кој на поголемиот дел од нивните сонародници не им се гледа и во буквална смисла се освежување за полу-мртвата навивачка сцена на островото. Ги знаеме сите приказните за кежуалците, за нивното прикривање од полицијата преку носењето на скапи модни марки (повеќе е откривање, ама за тоа во друга прилика) и како во речиси секоја земја во Европа има по некоја кежуал навивачка екипа. Редно беше да се појави и ултрас група на Островот, ако може секаде по светот да има кежуалци зошто во Англија да нема ултраси?
Пред 10 години, во 2005-та, шест загрижени навивачи на Кристал Палас решија да оформат навивачка група по урнек на оние во останатите европски земји. Како главна причина за менувањето на стилот и идеологијата ја наведуваат уништената атмосфера на стадионите во Англија и сè полошиот статус на гледачите на трибините. Групата во текот на овие 10 години нарасна на 200тина луѓе кои се воглавно помеѓу 17 и 35 години, а глетките кои ги приредуваат вклучувајќи ги и останатите трибини се за секој респект.
Ова е честа слика на Selhurst Park, домот на Кристал Палас. Кореографиите кои ги приредуваат овие момци не се нешто посебно во споредба со нивото на кореографии кои ги гледаме во Германија,Италија,Полска и Балканот ... но сепак за мене лично како некој што знае колку енергија треба за сето тоа да се направи да изгледа добро, тие се одлични! Мотивите се добро познати, секогаш на прво место е клубот, неговото име и бои и давањето дополнителна мотивација за подобра игра на теренот. За разлика од многу европски трибини каде што се истакнуваат политички пароли, националистички или идеолошки слогани од секој вид, се величат ликови кои немаат никаква врска со фудбалот, кај нив нема такво нешто – веројатно бидејќи се 100% ориентирани кон фудбалот и реалните проблеми кои го опкружуваат.
Кога зборуваме за италијански стил неизбежен дел се знамињата на два стапа, а потврда за 100% ултрас реноме е и рачната изработка на сите работи кои ги презентираат.
Доста интересно е и тоа што постојано водат војна против влијанието на парите во фудбалот, против т.н. модерен фудбал каде што менаџерите на играчите, телевизиските куќи и скапите договори го диктираат темпото и ги креираат правилата, картите за натпреварите се сè поскапи итн. Двајца членови на HOLMESDALE FANATICS лани добија забрани за присуство на домашните натпревари на Кристал Палас бидејќи по нашки кажано правеле “шутка” при постигнат гол на своите миленици. Тие од својот 10ти ред радувајќи се на гол по игра на случајот стигнале до 5тиот ред. Ова било доволно добра причина за челниците на Кристал Палас под притисок на Англиската Фудбалска Федерација да им доделат едногодишна суспензија на двете момчиња. Под изговор дека безбедноста на гледачите им е на прво место и дека со тој начин на однесување некој можел да добие посериозни повреди тие по брза постапка го решиле “проблемот”.
Често вадат пароли и интересни цртежи потенцирајќи го проблемот, но исто така знаат и малку поагресивно да се однесуваат палејќи пиротехника – нешто незамисливо во Англија и нешто за кое луѓе имаат лежено и затвор. Сепак, си ја сфатиле озбилно работата и цврсто верувајќи во себе и своите цели се трудат максимално да направат нешто за подоброто утре на сите навивачи.
Сепак, за разлика од некои кои своите проблеми ги решаваат строго по принцип “со глава во ѕид” тие умеат и доста интелигентно да се постават. За ланскиот гостински натпревар против Манчестер Сити пратија директно писмо до челникот на Премиер Лигата Richard Scudamore каде што го образложуваат проблемот со скапите карти и влијанието на маркетинг индустријата врз фудбалот. Секоја година цените на картите растат, а тоа нормалните обични фанови не можат да си го дозволат бидејќи цената за едно гостување ги надминува просечните неделни примања. Фудбалот се претвори во претстава исклучиво за богатите, а тоа момците и визуелно го претставија вака.
Од друга страна, како и на секој натпревар има такви што не знаат како да се однесуваат. Во ланскиот натпревар против Њукасл со паричка беше погоден противничкиот капитен Фабрисио Колочини. Ова беше аларм за раководсвото на Кристал Палас да воведе уште посовремена технологија и посебни камери за секторот каде што се навивачите, иако тие со 100% тврдат дека паричката дошла од другиот сектор, не конректетно од нивниот. Потврда за тоа стигна и од останатите навивачи кои на друштвените мрежи постојано укажуваа дека паричката стигнала од соседниот сектор . Во знак на револт тие наредниот домашен меч го бојкотираа и не ги пеаа своите песни, но сепак управата остана на своето и сигурносните камери се уште се на своето место.
За разлика од останатите навивачи во Англија кои немаат баш близок однос со играчите на екипата, навивачите на Кристал Палас се трудат ова да го изменат. Во својот паб каде што редовно се собираат секоја година имаат мини-манифестација каде што по нивен суд го бираат најдобриот играч кој добива плакета за “Играч на годината”. Избраниот првотимец потоа доаѓа во пабот да ја прими наградата, се дружи со навивачите и сите заедно работат за еден достоен тим-билдинг. Раритет во денешно време, но сепак old-school начин на следење на работите. Очигледно системот back to the roots може да постои и во модерно време, само треба некој да го пропагира и искрено да работи на негово продлабочување.
Кореографијата за Хулиан Сперони, голманот на Кристал Палас:
Момците покажуваат и докажуваат дека фудбалот е нешто повеќе од игра, дека не мора да имаш длабок џеб за да уживаш во мајсториите на своите миленици, дека сè што ти треба за натпревар e големо срце и желба за навивање. Од мене имаат наклон до земја иако отстапуваат од класичниот англиски стил (кој е во изумирање веќе 20 години) и убаво е да се види како некој му пружа отпор на системот, како се оди секогаш со срце но исто така и со паметни и рационални потези. Од сега знам дека секој домашен натпревар на Кристал Палас нема да го избегнувам менувајќи ги каналите, сепак има што се види на трибините и на крајот на краиштата пораката е повеќе од јасна:
Il Consigliere