Кој е Далибор Сирола, новиот тренер на Новак Ѓоковиќ?

Го направи Зверев „ѕвер“, плус ги има тренирано Шарапова и Синер.

Хрватот Далибор Сирола е новиот фитнес тренер на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, заменувајќи го Гебхард Фил-Грих, објави денес познатата француска тениска новинарка Карол Бушар.

Како што објави Бушар во својот блог „tennissweetspot“, постоела идеја Сирола да стане дел од тимот на Ѓоковиќ за време на Ролан Гарос, но тогаш немало доволно време за реализација на идејата, туку се договориле сега пред Вимблдон.

Кој е Далибор Сирола?

Далибор Сирола е основач и креатор на Sirola Training Systems, експерт со повеќе од 20 години искуство во фитнес индустријата, рехабилитација и подобрување на физичките перформанси. 

Роден е во Ријека и се опишува себеси како тренер кој секогаш дава сѐ од себе за да им помогне на спортистите да останат здрави и физички да напредуваат.

Кариерата ја почнал во 2003 година како фитнес инструктор и личен тренер. Во исто време, бил ко-основач на рехабилитациската и спортска клиника „Сципион“, каде што работел со бројни професионални спортисти од различни спортови како фудбал, алпско скијање, кошарка, ракомет, ММА и тенис.

Далибор влегол во светот на врвниот тенис во 2009 година како кондиционен тренер на Иван Љубичиќ, со кој бил до неговото пензионирање. Потоа две години работел со Италијанецот Андреас Сепи, на кој му помогнал да го достигне најдобриот пласман во кариерата, на 18-то место на АТП.

Во 2013 година, почнал четиригодишна соработка со Милош Раониќ, и за тоа време Канаѓанецот стигнал до третата позиција на АТП.

Од 2017 година го тренирал актуелниот тенисер број 1 во светот, Јаник Синер, а соработувал и со Александар Зверев.

Бил и фитнес тренер на хрватскиот тенисер Борна Ќориќ во текот на сезоните 2018–2019, а еден од најважните моменти во неговата кариера била соработката со петкратната шампионка на Гренд слем турнирите, Марија Шарапова, од крајот на 2019 година до нејзиното пензионирање во 2020 година.

Со ова богато искуство во работа со врвни спортисти, Далибор Сирола пронајде нов предизвик како дел од тимот на Новак Ѓоковиќ, продолжувајќи да ја гради својата репутација како еден од најпочитуваните фитнес тренери во тенисот.

27 јуни 2025 - 15:04