Кој е 19-годишниот Грк кој го дрма светскиот тенис?

Стефанос Циципас е новата тениска надеж која во рок од само неколку дена на колена спружи тројца играчи од светската Топ10 листа и вечерва ќе се бори за пласман во големото финале во Торонто.

Сезоната не почна сјајно за Циципас, затоа што тој сакаше да влезе најмалку до третото коло на Australian Open, но изгуби во првата рунда. Од март до април Циципас имал намера да освои некоја титула на помалите турнири ATP 250, но ниту еднаш не пројде подалеку од четвртфинале.

Но како што сезоната изминува, така младиот Грк прави чуда. Минатата недела во Торонто совлада дури тројца Топ10 играчи по ред: Доминик Тим, па актуелниот шампион на Вимблдон Новак Ѓоковиќ и на крајот Александар Зверев. Против последниов одбрани и две меч топки.

Во 2018-та Циципас има пет победи против најреномираните противници од „десетката“. Покрај тоа Стефанос стигна и во финалето во Барселона и полуфиналињата во Ешторил и Вашингтон.

Пред само една година тој бил 160. на ранг листата, но неделава се најде меѓу 30-те најдобри тенисери на светот.

По чудата што ги направи во Торонто првпат во кариерата влезе во Топ20.

***

Во Топ 100 на ATP листата денес има 10 момчиња помлади од 21 година. Меѓу нив е и Циципас којшто е половина Русин. Неговиот дедо бил Олимписки шампион во фудбал во 1956 година со СССР, а по завршувањето на кариерата бил тренер на Спартак Москва.

Мајка му е поранешната тенисерка Јулија Салникова која неколку пати била шампионка на СССР и одиграла 9 меча за репрезентацијата во Купот на Федерации.

На почетокот на ’90-те години Салникова се преселила во Грција каде тренер и станал Апостолос Циципас. По долго дружење, тие се земале и сега имаат три сина (Петрос, Павлос и најстариот Стефанос) и една ќерка (Елисавет).

Апостолос и Стефанос Циципас, татко и син

Интересно, сите четири деца се занимаваат со тенис, а 17-годишниот Петрос веќе играл за репрезентацијата на Грција во Дејвис Купот. Родителите не сакале, но доколку откажел, според грчките правила му следувала суспензија.

Стефанос Циципас, детето кое ги урна Доминик Тим и Ѓоковиќ почнал да го удира тениското топче уште со три години: родителите работеле како тренери во Атина, а тој постојано бил со нив и сплетот е логичен.

Татко му е негов тренер. Апостолос иако не играл професионален тенис, на официјалниот сајт на ATP стои дека одиграл еден меч - во пар на Фјучерс турнир во Грција во 2015 година.

И покрај неговата силна врска со Русија (мајка му е Русинка), Стефанос Циципас кој е роден и растен во Атина ги шокирал сите кога влегол во конфликт со уште еден млад руски тениски имигрант, Данил Медведев кого после меѓусебниот меч во Мајами го нарекол „руско гомно“:

Медведев тргнал да се пресмета со него, Циципас не му се извинил и набрзо го напуштил теренот.

После мечот Стефанос признал дека му кажал непристојни зборови на Медведев и дека му се извинува. 

Мајка му на Циципас во интервју за рускиот портал „Чемпионат“ во март годинава признала дека не го замислува својот син како најголем душман на рускиот тенис.

„Тоа е просто смешно, па тој е пола Русин. Со таков успех може да зборува сè и да се однесува како сака. Тој е доволно самоироничен и самокритичен“.

Таа додала и дека родителите на Медведев се нивни големи семејни пријатели на чиј однос никако не влијаел конфликтот. А неколку дена после конфликтот Циципас на руски изразил жалење и сочуство за жртвите од трагедијата во Кемерово.

ГРЧКА КРВ

Грција не е толку тениска земја штом 19-годишниот Циципас веќе станал еден од најдобрите играчи во нејзината историја (ако не го сметаме потеклото на Сампрас, Кирјос, Марк Филипусис и Кокинакис кои играа за други земји). Минатата година во Италија, Циципас станал само третиот Грк кој освоил еден Челенџер. Во октомври лани стана првиот во историјата на Грција кој влегол во Топ-100, а после Барселона и првиот Грк во Топ-50.

Стефанос Циципас е првиот грчки финалист на еден ATP турнир за 45 години.

Циципас сакал да го популаризира тенисот во Грција уште во 2016-та кога го освоил јуниорскиот Вимблдон во дубл. Стефанос сакал да го смени стереотипот дека тенисот е „спорт за богатите“ и ги привлекол Грците кои се исклучиво насочени кон кошарка и фудбал, да го следат и тенисот.

ИДОЛ МУ Е РОЏЕР

Веќе неколку години во тенисот се зборува дека еднорачниот бекхенд умира. Но минатата година Денис Шаповалов покажа дека многу рано го научил овој удар, а сезонава му се приклучи и Циципас. Гркот еднаш кажал дека на 7-8 години неговиот тренер му предлагал да прејде на современ дворачен удар, но Стефанос останал верен на најдобриот потег на својот идол Роџер Федерер.

А еднорачниот бекхенд е една од најсилните карактеристики на Стефанос. Има моќен и стабилен удар. И покрај тоа што е висок 191 сантиметар, тој не се плаши да излезе на мрежа, па така на пример на мечот со Тим, Стефанос освои 38 од 40 поени после прв сервис.

БЛАГОДАРЕН Е НА ТРЕНЕРОТ НА СЕРЕНА ЗА КАРИЕРАТА

Кариерата на најстариот син на фамилијата Циципас секогаш ја финансирале тие сами: тој немал спонзори, не му помагала грчката тениска федерација. Само годинава федерацијата со седиште во Атина финансирала 30.000 долари за тенисерката Марија Сакари која се подготвувала за Олимпијада.

Интересно, самата Сакари која е во Топ-50 во женскиот тенис барала сумата да се раздели на три дела од кои еден ќе му припадне на Стефанос Циципас.

Патрик Муратоглу (во средина), главниот творец на успесите на Серена Вилијамс

Последните шест месеци на Стефанос му помагал тренерот на Серена, Французинот Патрик Муратоглу. Тој му обезбедил тренинзи на земјена подлога во неговата академија. Велат дека „врски“ за ова фатил Маркос Багдатис, Кипранинот кој долго време соработуваше со академијата на Муратоглу. А и самиот Патрик е половина Грк.

Благодарение на соработката со Муратоглу за сезоната 2018, Гркот имал одлична организација:

„Имав личен кондициски тренер и физиотерапевт кој работеше со мене секој ден, со цел да избегнам повреди.“

Освен тоа минатата пролет Циципас во академијата на Муратоглу тренирал со Енди Мареј кој тогаш беше прв рекет на светот. Во Барселона годинава грчкиот тенисер раскажал дека Муратоглу не само што му створил прекрасни услови за тренинг, туку и ја сменил неговата игра:

„Јас сега сум на друго ниво, а кога играш со таква самоувереност, нема што да те спречи.“

Во своето прво големо полуфинале во кариерата, Стефанос Циципас вечерва од 21 часот ќе игра против Кевин Андерсон. Во другото полуфинале ќе се сретнат Рафаел Надал и уште една руска тениска надеж, младиот Карен Качанов.