Еуфемиано Фуентес заедно со неговата сестра и тројца тренери се обвинети за загрозување на јавното здравје, а се очекува да сведочат и неколку велосипедисти помеѓу кои е и победникот на Тур де Франс, Алберто Контадор.
Во рацијата извршена уште во 2006-та година, полицијата пронајде 200 ќесички со крв на кои имало кодирањи имиња на спортисти, но проблемот е што најверојатно ќе бидат откриени имињата само на велосипедистите кои се вкупно 54.
Вториот проблем е што кога бил откриен скандалот во 2006-та година, во Шпанија не постоел закон за допинг, па обвинителството сега треба да докаже дека обвинетите го загрозувале здравјето на спортистите, а не можат да се поврзат со допинг.
Кои се другите 150 спортисти?
Фуентес имал над 200 клиенти, а се претпоставува дека другите 150 се фудбалери, тенисери и атлетичари, но нивните имиња нема да бидат откриени во оваа истрага затоа што шпанскиот суд нема интерес да ги оцрни другите спортисти.
Сепак овој скандал може да фрли дамка на доминацијата на Шпанците во сите спортови, затоа што и Светската анти-допинг агенција потврди дека негови клиенти биле и фудбалери и тенисери, но шпанскиот суд ги штити нивните имиња и не им дава пристап до доказите.
Кога изби големата афера во 2006-та година, францускиот весник Le Monde објави дека докторот работел со Барселона, Реал Мадрид, Валенсија и Бетис, но фудбалскиот клуб Барселона го тужеше весникот и доби отштета од 15.000 евра.
Еуфемиано Фуентас тогаш призна дека работел со неколку фудбалски клубови од првата и втората шпанска лига, но не спомена имиња. Единствено се знае дека тој бил доктор на фудбалскиот клуб Лас Палмас во 2002-та година кога клубот играл во првата лига.
И поранешниот велосипедист, Хесус Манцано, кој бил еден од клиентите на Фуентас, изјави дека има видено неколку познати фудбалери како ја напуштаат клиниката на докторот.
Ова не е прв случај како еден шпански доктор е обвинет за вмешаност во допинг на спортисти. Луис Гарсија дел Морал, поранешниот доктор на Ленс Армстронг, заработи доживотна суспензија од Меѓународната тениска федерација, а на неговата вебстана во листата на клиенти помеѓу другите беше впишано и името на фудбалскиот клуб Барселона.
Во текот на истрагата, докторот Дел Морал изјави дека во поглед на допингување велосипедистите се ангели во однос на фудбалерите, но и тој не откри имиња.