Висла нема четвртфинале во ЛШ, па нека ја продолжи традицијата

Денешната ждрепка во Виена, нашиот најпосакуваниот противник Данкерк му го однесе на ПСЖ, а Загреб се падна со Колдинг. Но Столе Стоилов смета дека ако го репризираат изданието против Рајн Некар, не им бега нов пласман во топ 8.

Полскиот претставник во Лигата на шампионите беше дел од групата Б и заедно со Барселона, Колдинг и Фленсбург се пласираше во осминафиналето, што е нивно најголемо достигнување во најелитното клупско европско натпреварување кое го оствариле три пати.

До таму стигна како третопласирана екипа со 13 бодови. Го совладаа по два пати Бешикташ и Алингсас, а направија изненадување против два гиганти. Актуелниот европски првак го победија со 31:29, а на Барселона и го нанесоа единствениот пораз во групата (34:31).

„Добивме многу тежок противник, кој минатиот викенд одигра извонреден натпревар во Германија, победувајќи го Рајн Некар. Но, имаме 60 минути на домашен терен и сигурно ќе одиме на победа. Нашата сала ќе биде преполна и со нетрпение го очекуваме мечот, бидејќи уверен сум дека можеме да се надигруваме со Вардар. Ако сезонава ја победивме Барселона, зошто да не го победиме и Вардар?“, беше првата изјава на потпретседателот на Висла, Артур Зјелински веднаш по ждрепката.

Во полското првенство Висла има 7 титули и 10 трофеи во купот, а 11 пати беше вицепрвак. На меѓународна сцена најголемиот успех им е пласман во четвртфинале од ЕХФ купот и Купот на куповите на победниците.

Најдобар стрелец во тимот во Лига на шампионите им е Немања Зелениковиќ со 41 гол кој игра на позиција десен бек. Останатите двајца Срби се Миљан Пушица и Иван Никчевиќ., а од интернационалците дел од полскиот состав се и Португалецот, Тијаго Роча и Романецот, Емил Ракотеа.

Висла имаше 5 репрезентативци кои стигнаа до бронзениот медал на Мундијалот во Катар, а тоа се голманот Марцин Вихари, десното крило Михал Дашек, левото крило Адам Вишњевски, пивотот Камил Сипжак и левиот бек Мариуш Јуркиевич.

“Висла Плок воопшто не е наивен противник. Полскиот вицешампион можеби е најтешкиот противник кој можеше да го добиеме во оваа фаза, доколку ги видиме другите екипи во третиот шешир. Нивната форма растеше од натпревар во натпревар во последните четири кола, но тоа не значи дека се подобри од нас. Тоа е екипа која игра многу поквалитетно на домашен терен отколку на гости. Но, ако се подготвиме како за натпреварот со Рајн Некар, сигурен сум дека ќе излеземе како победници во овој двомеч, и повторно ќе ги израдуваме нашите навивачи, како и целата македонска јавност” – изјави Стоилов за сајтот на РК Вардар.

Осминафиналниот дуел Вардар – Висла, ќе биде дуел и на двајца шпански стратези. На клупата на Висла седи селекторот на Шпанија Маноло Каденас кој загуби токму од Полска во мечот за третата позиција. Двомечот со Пољаците за сајтот на Вардар го анализираше и Раул Гонзалес.

“Станува збор за една многу силна екипа. Играат цврсто и борбено во одбраната, а ист е случајот и со играта во напад, каде што имаат моќна контра и полуконтра. Тоа го докажаа на последните натпревари на кои ги совладаа најголемите конкуренти во групата, што е доказ дека нивната форма е во нагорна линија. Во екипата го имаат левиот бек Мариуз Јуркович, кој според мене е еден од најдобрите ракометари. Тоа го знам од времето кога бев помошник тренер во Атлетико Мадрид. Тренер на екипата е шпанскиот селектор Маноло Кадењас, кој е врвен стратег. Сигурно е тоа дека ќе имаме два тешки натпревари, во кои ќе гледаме многу борба на двете страни” – изјави Раул Гонзалес.

Висла најавува полна сала против Вардар, а натпреварите ги игра во Ориен Арена која собира 5.500 гледачи.

24 февруари 2015 - 18:42