Кире без конкуренција најдобар десен бек во Европа

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров повторно се најде во идеален тим во Лигата на шампионите, овојпат за актуелнава сезона 2015/2016.

Лазаров е прогласен за број еден десен бек во Европа на анкетата во која учество земаа преку 90.000 фанови на ракометот. Капитенот заслужено е меѓу најдобрите во елитата затоа што тековната сезона ја заврши како водечки стрелец на гигантот Барселона со дури 104 гола.
 
За жал Лазаров и Барса ја завршија европската одисеја уште во четвртфиналето. Кире трета година по ред е биран во најуспешниот тим во Лигата на шампионите.
 
Необично и како ретко кога досега, во Ол-Стар екипата на најдобрите ракометари во Европа речиси сите се од земјите на поранешна Југославија. Освен Лазаров, во тимот се и Илиќ, Стојковиќ (Србија), Бомбач и Маргуч (Словенија) и Штрлек (Хрватска). Во совршените 7 се наоѓа и голманот Никлас Ландин.
 
Најдобар млад играч во Лигата на шампионите е Србинот Дарко Ѓукиќ а тренер на годината е избран Шпанецот Хавиер Сабате од унгарски Веспрем кој го елиминираше Вардар во четвртфиналето на ЛШ.
 
Тимот на сите ѕвезди на ЛШ за сезоната 2015/2016:
 
Голман: Никлас Ландин (Кил)
Лево крило: Мануел Штрлек (Кјелце)
Лев бек: Момир Илиќ (Веспрем)
Десен бек: Кирил Лазаров (Барселона)
Среден бек: Деан Бомбач (Пик Сегед)
Пикер: Растко Стојковиќ (Брест)
Десно крило: Гашпер Маргуч (Веспрем)
 
Дефанзивец: Тимушин Шух (Веспрем)
Млад играч: Дарко Ѓукиќ (Бешикташ)
Најдобар тренер: Хавиер Сабате (Веспрем)