Во случај во четвртокот да сте се нашле во Екатеринбург, на улица или близу стадионот ќе сте виделе десетина Руси, по некој Французин и илјадници луѓе во црвено-бели дресови.
Песната на Перуанците се ори од аеродромите и железничките станици па до крајната дестинација - стадионите. На мечот Франција - Перу (1:0) далеку погласни беа илјадниците Јужноамериканци.
Присутните новинари пренесуваат дека на 35-илјадната арена Перуанците посилно ја грмеле химната од Русите на огромниот стадион во Санкт Петербург кој собира 65.000 гледачи.
„Слушнав во една програма дека во Русија ќе допатуваат од 45.000 до 60.000 наши навивачи“, вели извесен Гиљермо.
Таквата наезда на Перуанци е од две причини: прво, фудбалот е спорт број еден во земјата, а второ репрезентацијата на Перу се квалификуваше на Светско првпат после 36 години.
„Замисли, последен пат учествувавме на Мундијал во 1982 во Шпанија. Сега е многу повозбудливо. Просто живееме бајка“.
Во Русија допатувале и многу Перуанци кои живеат по разни страни на светот. Извесен Бенџамин, кој живее и завршил студии во Белорусија сега таму работи во IT сферата. Во Екатеринбург дошол без билет за мечот. Раскажал дека имал карта за мечот на Перу во Сочи а сега е спремен да одвои и до 100-150 долари за драгоценото парче хартија.
„Во Русија дојдоа многу Перуанци затоа што таква шанса нема да има којзнае кога пак. Следното Светско е во Катар а таму ќе има само шеици. А во Русија може да се стигне и да се престојува некако“, вели Бенџамин.
Според него страста за фудбал во Перу е неверојатна.
„Слушав дека некои луѓе продавале куќи и станови за да соберат пари да отпатуваат во Русија. Карта до Русија и назад ги чини околу 5.000 долари и плус пари за сместување и храна. Целата земја е збудалена за Мундијалот“.
Едгардо и Марија Алехандро, маж и жена од Перу исто се повикале на таа сума - околу 4-5.000 долари од човек за десетина дена.
„Да, вистина е. Прашував луѓе за продажба на својот дом и ми потврдија. Имаше и на вести репортажи за тоа. Луѓето се простувале со куќите и колите за да соберат доволно пари. Нашата земја е болна по фудбал. Кога се игра фудбал луѓето одат на работа во дресови од репрезентацијата. Небитно дали работат во банка или во супермаркет. Секако, има и луѓе кои не ги интересира фудбал, но дали се 5% од вкупното население“, вели Едгардо.
Тој жувее во Уругвај а во Русија дошол на 21 ден. „Карта за тука (Русија) и назад ме чинеше 1.700 долари. Плус хотел, тоа е 5.000 долари. Но замислете дека има луѓе и од крајните мали градчиња некаде на Андите. Тоа е лудница“.
Некои нашле сместување преку Airbnb.
„Изнајмивме одличен стан близу стадионот. Не фати вкупно 500 долари за три дена“, вели извесен Маркус со девојка му Гранда која додава:
„Ќе потрошиме околу 8.000 долари двајцата вкупно. Како поинаку? Фудбалот им е во срце на Перуанците. Продававме стан и кола. Јас лично знам човек кој ја продаде својата кола за да може да дојде во Русија. А во авион се сретнав со луѓе кои го продале својот стан. Сега се бездомници, ха-ха-ха... Но среќни се што се тука“.
Перуанците летале околу 36 часа до Русија.
Новинарите во Русија кои се сретнале со перуански навивачи во глас потврдуваат дека Перуанците се неверојатно отворени, повесели од сите други на Светското и одлично зборуваат англиски. Во Перу просечната плата е околу 300 долари којшто просечен Перуанец кој дошол во Русија треба да ги потроши за еден ден престој со храна и патни трошоци.