
Колку беше силна и непобедлива таа култа генерација, доказ плус е што не се ни осетило отсуството на Дражен Петровиќ на ЕП 1991, човекот кој според многу мислења, меѓу кои и она на Леброн Џејмс и натаму е најјакиот кошаркар од Европа кој заиграл во НБА.
Ги дробеа сите без никаков проблем. Полска во групна фаза со 42 разлика, Франција во полуфинале со 21 разлика, како и домаќинот Италија со полна сала домашна публика со 15 разлика.
Дражен беше дел од тој тим кој го освои Европското 1989 и Светското 1990, но го немаше на ЕП 1991 во Рим. За причините со години се вртеа разни муабети, а најрелевантен да зборува е Дуда Ивковиќ.
Легендарниот селектор на Југославија, кој почина во 2021-ва, во интервју за грчкиот портал Спорт24, има зборувано на повеќе случки од тоа време, меѓу кои и тоа со отсуството на Петровиќ.
„Дражен сакаше да дојде на Евробаскетот на истиот ден со Дивац, иако ја заврши сезоната во април, а Владе играше во НБА финалето со Лејкерси. Јас кога ќе го побарав, тој ми велеше дека доаѓа следната недела. Стигнавме до пресвртна точка пред самиот турнир. Му се јавив и му реков: „Слушај, ова што го правиш не е во ред. Дали би сакал да дадеш интервју во кое ќе речеш дека имаш посебна работна програма во Њу Џерси и поради тоа не можеш да играш за репрезентација? Нема да играш во Рим“.
„Тој се согласи. Кога ја соопштив одлуката дека нема да игра, во земјата настана хаос. Ми се јави претседателот на Кошаркарскиот сојуз и ми рече дека можам да правам сè, само не такво нешто. Новинарите пишуваа за тоа како Јосип Ѓергија го вовел во националниот тим во 1983 година, а Дуда Ивковиќ го исфрлил во 1991 година. Тоа не е вистина. Имавме договор. Дражен само сакаше да се приклучи на националниот тим како НБА играч заедно со Дивац“, вели Дуда во тогашното интервју за Спорт24.
Многу зборуваната тема од тие времиња е и таканаречениот инцидент, кога Владе Дивац го зеде хрватското знаме од навивачите и го фрли настрана, пред самото доделување на медалите на Мундијалот во Аргентина 1990.
„Сето тоа беше шега. Прво, тоа беше знамето на Велимир Перасовиќ, а не на Дражен. Некој му го даде. Ќе ви ја кажам вистината: таа приказна за браќата, таа американска глупост, ништо од тоа не е вистина. Во тоа време, многу хрватски навивачи доаѓаа во Аргентина со хрватски знамиња. Перасовиќ исто така имаше едно. Дивац му го зема и му го закачи на рамења југословенското. Дури и се смееја, а Дивац му рече: `Кога ќе видат какво знаме имаш дома, сите ќе те заебаваат`. Тоа беше интерна шега. Сè што беше кажано и напишано дека односот меѓу Дражен и Дивац е расипан, не е вистина. Луѓе, зборуваме за тим каде што никој никогаш не му кажал на никого дека е од Хрватска, Србија, Црна Гора... Сите многу се сакаа“.
„Паспаљ и Кукоч играа на истата позиција, како и Дивац и Раѓа. Секој пат едниот од нив мораше да остане на клупата, затоа што другиот мораше да игра. Кога се менуваа, прво се прегрнуваа и бакнуваа. Тоа беше одличен тим во кој владееше љубовта. Политичарите сакаа да привлечат внимание со тој инцидент во Аргентина“.
„Тимот во тоа време имаше многу неверојатни таленти. Дражен Петровиќ беше веројатно најголемиот работник од сите. Работевме заедно пет години и тој работеше напорно. Во тоа време нè споредуваа со Советскиот Сојуз. Кога составивме тим со Дражен, Дивац, Паспаљ, Раѓа, Вранковиќ, Кукоч и други, сите велеа дека никогаш нема да би ја победиле златната генерација со Дражен Далипагиќ и Драган Киќановиќ. Тие беа исто така фантастични таленти и одлични луѓе“.
„Би сакал да ви кажам нешто. На Евробаскетот 1989, кога Грција го победи Советскиот Сојуз во полуфиналето, никој не беше среќен. Знаете зошто? Затоа што луѓето сакаа да играме против Советскиот Сојуз и да ги победиме, за да докажеме дека сме подобри од нив. Во тоа време, веќе беа поминати десет години откако Југославија го освои последното злато на Евробаскетот. Тогаш успеавме, исто како на Мундобаскетот во Аргентина во 1990 година и на Евробаскетот во 1991 година, по што тимот се распушти“.
Во истото интервју, Ивковиќ зборува за најтешкиот момент на Европското 1991, кога Здовц пред полуфинале со Франција, добил повик од Словенија да си дојде дома, со образложение дека Југославија ја нападнала неговата родна земја.
„За време на загревањето, сè што мислев беше одлуката на Словенија да се отцепи и како тоа не требаше да се случи. Јуриј Здовц си замина поради тоа. Ме праша: `Тренеру, што да правам? Ако играм, во Словенија ќе ме наречат предавник`. Потоа му реков да не се грижи и дека јас ќе го средам тоа. По состанокот пред финалето, ги нападнав новинарите од Словенија. Им реков дека јас сум шефот и дека јас одлучувам што ќе се случи со Здовац, а не тие“.
Неизбежна е и темата за Олимписките игри 1992 и неостварената желба на кошаркарскиот свет, кој остана кус, без една кошаркарска битка коjа ќе беше епска и која ќе останеше во аналите.
„Сите ја чекавме Барселона за да играме против Американците. Имавме многу НБА искуство со Дивац, Раѓа и Петровиќ. Знаевме дека лесно ќе ги победиме сите, се подготвувавме само за натпреварот против САД. Не бевме како другите, бевме различни, немаше да се сликаме со нив. Голема загуба за спортот е што тогаш најдобриот тим во Европа не се натпреваруваше против Дрим тимот. Големиот момент беше договорот меѓу НБА и ФИБА дека НБА играчите ќе играат на Олимписките игри. Штета што не стигнавме до тој натпревар“, заклучи Ивковиќ.
Филмска сторија за „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“