
Европското во кошарка, на кое за жал заборавивме кога Македонија играше последен пат и уште се фалиме со четвртото место во Литванија 2011, стартува денеска и ќе трае до 14 септември.
На програмата се шест средби, а последен е мечот Србија - Естонија кој стартува во 20:15 часот со пренос на Арена спорт.
Ќе има 4 групи со по 6 селекции, а пласман во 1/8 финале ќе обезбедат четирите најдобри од секоја група.
Домаќини се Рига (Летонија), Тампере (Финска), Лимасол (Кипар), Катовице (Полска), а елиминациската фаза ќе се игра само во Рига.
Србија е фаворит за титулата според сите прогнози меѓу кои и онаа на ФИБА. Имаат силен и компактен состав, покриени се на сите позиции, а очите се вперени кон Никола Јокиќ, трикратен МВП на НБА сезоната и еднаш во финалната серија.
Србите сонуваат за трофеј повеќе од две децении или поточно од 2002-ра, кога станаа светски прваци заедно со Црна Гора под името СР Југославија.
Последната европска титула им е освоена една година претходно, токму со Пешиќ како селектор и со играчи од калибарот на Дејан Бодирога и Саша Обрадовиќ, како и Предраг Стојаковиќ кој беше прогласен за МВП за турнирот.
Главен конкурент ќе им биде светскиот првак Германија, од која Србите изгубија во финале. Германците имаат одлична генерација предводена од Денис Шрудер и Франц Вагнер.
Потоа тука е Франција, иако е драстично ослабена без Вембанјама и Гобер, како и бранителот на титулата Шпанија.
Интересни за следење ќе бидат и Словенија со Лука Дончиќ и Грција со Јанис Адетокунбо.
Црногорците се предводени од членот на Чикаго, Никола Вучевиќ, а Турците од НБА ѕвездата Алперен Шенгун. БиХ ќе го нема својот најдобар поединец, Џанан Муса.