Вестбрук надвор од контрола, Атланта лесно со Милвоки

Атланта рутински триумфираше против Бакси 97:86, а најзаслужен за победата беше Пол Милсап. Синоќа славеа уште и Лејкерс, Далас, Оклахома, Мемфис, Индијана, Орландо, Кливленд, Портланд и Детроит. Расел Вестбрук со личен рекорд на асистенции.

Кошаркарите на Кливленд полесно од очекувањата го добија Њујорк Никс 101:83, а до ново славје ги однесе Кевин Лав со 16 поени и исто толку скокови. Леброн Џехмс и Кајри Ирвинг имаа по 18 поени, а Џеј Ар Смит уфрли 17.

Кај Никси, кои сега имаат мизерен учинок од 10 победи и дури 45 порази имаше шест двоцифрени играчи, меѓу кои се истакна Геловеј со 13 поени.

По два порази по ред, на победничка патека се врати Атланта Хокс. Архитект на сигурната победа на јастребите против Миловки Бакс 97:86, беше Пол Милсап со дабл-дабл учинок од 23 поени и дури 16 скокови. Перо Антиќ немаше добра шутерска вечер, затоа што во обидите за два поени имаше 0/4, а постигна само три слободни фрлања за 12 минути на паркетот.

Ал Хорфорд беше негова најголема поддршка со 15 поени и 8 скокови, а Корвер и Шродер постигнаа по 12. Кај Бакси, Мидлтон и Андетокумпо беа водечки стрелци со по 19 поени.

Индијана Пејсерс го победија најдобриот тим на западот, Голден Стејт со 104:98 и на тој начин ја прекинаа серијата од четири победи по ред на воините. Родни Стаки имаше неверојатна вечер со 30 поени и 5 асистенции, а го следеа Мајлс со 13 поени и 9 скокови и Вотсон со 12 погодоци.

На Голден Стејт не му беше доволен ниту феноменалниот Клеј Томпсон со 39 поени и 3 скокови. Томпсон играше без Стефон Кари, кој не влегуваше во игра поради повреда на десниот зглоб.

Расел Вестбрук одигра главна улога во триумфот на Оклахома над Денвер Нагетс 119:94. За 28 минути на паркетот, Вестрбук запиша 21 поен, 8 скокови и дури 17 асистенции што е неговиот личен рекорд во кариерата. Тандер играа без оперираниот Кевин Дурент, но и покрај тоа стигнаа до шеста победа по ред. Голем удел во победата на Оклахома имаа и Енес Кантер и Серж Ибака со по 20 поени и вкупно 20 скокови.

Кај Денвер, Тај Лосон беше најефикасен со 17 поени и 4 асистенции, а Галинари додаде 16. Босанскиот репрезентативец, Јусуф Нуркиќ запиша 10 поени и 7 скокови.


Последен пат кога Лејкерси запишаа победа беше против Чикаго Булс после продолженијата. По неколку порази, „езерџиите" повторно имаа повеќе нерви во дополнителните минути и го совладаа Бостон 118:111.

Најдобар кај Лејкерс беше Џереми Лин со 25 поени и 6 асистенции, Џонсон додаде високи за него 22 поени и 5 скокови. Во редовите на Бостон, Краудер уфрли 22 поени, еден повеќе од Томас.

Резултати:

Милвоки – Атланта 86-97
Њујорк – Кливленд 83-101
Детроит – Вашингтон 106-89
Индијана – Голден стејт 104-98
Орландо – Филаделфија 103-98
Оклахома сити – Денвер 119-94
Далас – Шарлот 92-81
Портланд – Мемфис 92-98
ЛА лејкерс – Бостон 118-111 (после прод.)