Приказната за Ериберто, Бразилецот од Киево кој 6 години го лажеше светот дека е друг човек

Добрите познавачи и носталгичари на италијанскиот и општо европскиот фудбал во првите години по 2000-та, на прва топка ќе се сетат на фамозниот случај „Ериберто“ од Киево, човекот кој за да избега од сиромаштија направил голема измама, па совеста го прогонувала со години.

Ериберто бил силен, забраден, со изразени залистоци на главата. Соиграчите од Болоња се шегачеле: „Па ние да изгледаме така на 20 години, поарно пластична операција да направиме“.

Но никој немал никаков сомнеж.

Еднаш бразилскиот фудбалер тргнал во ноќен клуб, ама на пола пат удрил во друг автомобил и избегал од местото на настанот за да не падне на алко-тест. Набрзо, не многу далеку од тука, се изгубил со колата и пак удрил во паркирани автомобили.

Сите овие глупости му ги препишувале на незрелоста и годините. Имале причина така да мислат. Мислеле дека има 20 години и дека е незрел. Ќе му пројде, си викале.

Ериберто почнал да игра фудбал во бразилскиот Палмеирас, ама после само една година и пар месеци потпишал со Болоња во Италија и се преселил на Апенините.

Два месеци по преминот во клубот од најголемиот студентски град на „чизмата“, Ериберто влегол од клупата за резерви на меч против Венеција. Во еден момент ја земал топката и претрчал 80 метри за 8 секунди со 35 гигантски чекори.

Легендарното студио на телевизијата Rai му посветила цела репортажа на овој гол. Права реткост не само за таа 1998-ма година.

Утредента Gazzetta dello Sport излегла со наслов: „Откриен е феноменот“.

Докторот на Болоња во тоа време, Џани Нани рекол: „Ериберто не е спринтер во чист облик, туку тој има висок аеробен и анаеробен праг. Неговиот метаболизам го задржува производството на млечна киселина за време на напорите. Способен е да трча на долги дистанци, фактички истрча до голот откако ја допре топката само три пати. За 11 години во Болоња ниеднаш не сум видел нешто слично“.

А тренерот Масимо Нери додал: „Ериберто има многу еластични мускулни влакна. Трча како спринтер и ако му ги изброите секундите во кои го јаде просторот, ќе видите дека можел да направи и кариера во трачње на средна дистанца, пример на 400 метри“. 

Безимениот Бразилец стана голема ѕвезда во подем во Серија А. Му се остварил сонот од детството. Но Ериберто не уживаше во триумфот, славата, насловите и парите.

Тој длабоко беше несреќен а ни лекарите, ни пијалокот, ни карневалите не можеле да му помогнат.

Неговата приказна е за тоа како сонот може да стане личен затвор. 

ЕРИБЕРТО НЕ БИЛ ТОЈ ЗА КОГО ТВРДЕЛ ДЕКА Е, МУ СЕ РАЗВИЛО И ЧУВСТВО НА ЗАГУБА НА ИДЕНТИТЕТОТ

Во 1995-та година го носел името Лусиано (Luciano Siqueira de Oliveira). Во тоа време барал работа во малото место Рио Бонито и живеел од џепарлакот кој му го давал мажот на сестра му.

Додека играл за детскиот тим во Рио Бонито сонувал за Серија А, но го пропуштил чекорот на своите врсници. Решил да се прави постар од нив. Еден ден го викнале во помесната црква. Свештеникот го запознал младиот Лусиано со еден човек и му рекол: „Ова е Морено. Фудбалски агент“. А менаџерот воопшто не чекал и му рекол: „Сакаш ли да одиш во Васко да Гама, мали“?

Животот вртоглаво му се сменил.

„Морено мислеше дека сум стар за фудбал“, се сеќава фудбалерот за време на испрашувањето седум години после тој момент во Бразил.

„Рече дека ќе мора да одам на проба со друга возраст“. Итриот и лукав менаџер нашол безнадежно момче кое игра во младински тим, а после еден месец се појавил со нечиј извод од матична книга на родени. 

„Сега ти си Ериберто и имаш 17 години“, му рекол.

На Лусиано му било сеедно. „Немав ни татко ни мајка, и се што сакав беше само да играм фудбал“, рекол еднаш.

Набрзо за пар месеци дошол во Палмеирас каде дебитирал и за прв тим. После година и пар месеци веќе направил богат трансфер во Болоња, а после и во Киево каде блесна и стекна светска слава. Сè ова било остварување на сонот, но во стварноста тоа воопшто не била бајка. Се има своја цена во животот, а тој платил прескапа.

Ериберто никогаш не заборавил што направил и дека лажирал свој идентитет. Кога соиграчите и навивачите се потсмевале и го исмевале поради неговиот надворешен изглед (викал дека има 20 години а изгледал на 30 и нешто), тој плачел во себе.

Она што на сите им било шега и смеа, него му било разобличување на тешката лага.

„Не се осмелував да ги погледнам своите сакани во очи. Не можев да јадам, да се забавувам, да живеам. Ако заспивав, ме будеа ноќни мори“. 

Најтешко во животот му било на почетокот на 2000-те години кога му се родил син. Бразилските имиња се состојат од три дела: сопствено име, презиме на мајка од 1-2 збора и презиме на татко исто од 1-2 збора. Син му го носел само презимето на мајка му и тоа му тежело на Ериберто.

Плус што детето немало ни извод од матична книга на родени. Ериберто постојано помислувал на тоа дека живее под туѓо име и податоци и затоа не го регистрирал првенецот - ќе требал да вади лажни документи.

Сам на себе станал роб. Тоа му бил вечен потсетник на илузијата за славата. Не можел да живее под свое име и не бил среќен под туѓо име и презиме. Неговата личност била изгубена. Веќе не знаел кој е, дали неговите успеси се помешани со успесите на некој чие име го украл.

ВО 2002 ГОДИНА ЕРИБЕРТО ПОТПИШАЛ ДОГОВОР СО ЛАЦИО НО ВЕЌЕ НЕ МОЖЕЛ ДА БЕГА ОД СЕБЕ И ПРИЗНАЛ СЕ ШТО ЛАЖИРАЛ

Кога истрчувал на терен, Бразилецот заборавал на се и тргнувал во силен пресинг. Неговите брзи спринтови и дриблинзи станаа препознатлив знак на супер тимот на Киево. Во сезоната 2001/2002 тимот од Верона првпат во историјата влезе во Серија А и сензационално заврши на петто место.

Ериберто таа сезона постигна 4 гола и имаше 5 асистенции. Следното лето за него имало ред од заинтересирани клубови.

Најмногу од сите предложил тогаш богатиот гигант Лацио - 18 милиони евра! За 23-годишниот крилен фудбалер кој беше брз како струја.

Бразилецот потпиша 5-годишен договор со Лацио и се обезбедил себеси до крајот од животот. Останало уште да му ги префрлат парите, платата и да се пресели. Но пред решавачката средба тој исчезнал. Го снемало. 

Лацио барал објаснување. Киево објавил дека му дал дозвола на Ериберто да замине до Бразил од приватни причини. Gazzetta dello Sport пишувала дека фудбалерот имал многу сериозни лични проблеми.

Некои го поврзувале со криминал, а други се обидувале да ја решат енигмата што се случува со скапо платениот ѕвезден фудбалер, но никој ништо не знаел.

„Ериберто добро тренира. Непотребно е расеан. Очигледно неговите проблеми се толку сериозни што бараат итно решавање. Ние чекаме“, рекол тренерот на Киево Џиџи Дел Нери кој правеше чудо со „летечките магариња“.

НА 21 АВГУСТ 2002 БРАЗИЛЕЦОТ ОТШИЛ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ВО САО ПАУЛО

Исчезнатиот Ериберто стана главна вест во италијанските медиуми. Тој не одговарал на повици и пораки. Едноставно во Сао Пауло решил да си олесни на душата и се пријавил во полициска станица:

„Моето право име е Лусиано, а не Ериберто. И имам 26 години а не 23. На крајот собрав храброст за да објавам. Ќе раскажам како тргнав на неправилен пат и се надевам дека луѓето од кои ми зависи иднината во животот и спортот, ќе го слушнат своето срце па ќе одлучат.

Никого не сум излажал, просто сакав да играм во Италија. А сега ќе почнам се од почеток. Ќе се откажам од богатиот договор со Лацио. Прво морам да се смирам со својата совест“.

После еден ден менаџерот на Ериберто, Педрињо рекол: „Лусиано ми ја раскажа својата приказна минатата среда. Плачеше, ридаше. Му посоветував да оди неодложно за Бразил. Туѓо име носи шест години, ама што е поважно нашол сили да исправи се. Се надевам дека ќе биде добро. Што и да се случи, он е добар дечко“.

Преминот во Лацио беше стопиран. Сите потпишани договори биле неважечки. А кај Лусиано проблемите станувале поголеми. Паднал во очај не само поради повреда туку и поради суспензијата која го чекаше. А се појавил и правиот Ериберто во Бразил од кого ги украле податоците. 

ЕРИБЕРТО БАРАЛ ПАРИ ОД ЛУСИАНО И СЕ ЗАКАНУВАЛ СО НАСИЛСТВО, НО АДВОКАТИТЕ НА ФУДБАЛЕРОТ СРЕДИЛЕ СÈ

Лусиано не бил единствен напатен од лажирањето. Додека заработувал огромни пари под туѓо име, реалниот Ериберто преживувал од својата бавча. Без документи не можел да оди во поголем град, да смени живеалиште, да најде постојана работа. Не постоел во системот, како да го нема. Крпел крај со крај од своите производи од градината.

Еднаш правиот Ериберто раскажал дека документите му ги украле, но Лусиано рекол дека градинарот сам му го продал на неговиот менаџер изводот од матична книга на родени.

Имало и гласини дека Ериберто барал голема сума пари за да молчи и не дава интервјуа. Но еднаш зборувал за реномираната La Repubblica.

„Искрено ја кажав вистината поради жена ми и син ми, а не дека некој ми се заканувал како што се збори во Италија. Лага е дека ме уценуваат. Лага е дека ми се закануваат по живот“, рекол фудбалерот Лусиано.

На вкрстеното испрашување на суд, фудбалерот еднаш признал дека платил за Ериберто да молчи: „Ериберто не работеше ништо па затоа му помогнав нему и на неговото семејство“. 

И покрај тоа, ден после признанието на суд, правиот Ериберто решил да покрене тужба против својот проанешен пријател. Градинарот барал надомест за кражба на идентитетот. Но ни познатиот фудбалер не бил „паднат од Марс“.

Казната за фалсификување на документи во Бразил може да се изрече само ако делото е сторено пред пет години. А во тоа време кога го сторил делото, фудбалерот бил малолетен.

Случајот ги потресувал и Бразил и Италија.

„Воопшто не сум зачуден. Во Бразил има фалсификувања. Обично го прават поради долгорочни договори“, рекол поранешниот репрезентативец на Бразил, Тонињо Серезо.

Застарување на делото и тоа што го направил како малолетен, го спасило Лусиано од затворска казна, но бразилскиот суд не бил единствен негов проблем.

Обвинителите во Болоња и Верона отвориле истраги за измама. На Лусиано му се заканувале три години затвор. За негова среќа Италијанците се пофлексибилни во врска со ненасилните прекршоци.

„Сочуствувам искрено со овој човек. Мило ми е што успеа да излезе чисто од екстремната сироматшија без кражби и убиства“, рекол тренерот на Киево Џиџи Дел Нери. Се откажале и граѓанските судови. Но фудбалската федерација на Италија не му прости за преварата. Го суспендираа на 6 месеци и го казнија со 160.000 евра. Со тоа заврши целата драма. 

После скандалот, Лусиано ветил:

„Кога ќе се вратам ќе бидам уште подобар зошто веќе нема што да кријам. Ќе бидам свој на свое“.

Но не беше баш така.

Бразилецот после краткиот престој во Лацио, пак го облече дресот на Киево, заигра како стартер но никогаш не се врати на нивото од претходно кога леташе по десната страна.

Во меѓувреме Интер го ангажираше но и таму не се снајде и се врати во Верона каде доигра до 37 години. На два месеци пред да наполни 38 години Лусиано заврши со фудбал во клубот Мантова.

Сега има 45 години. Стекнал тренерска лиценца, трча активно и вежба. На крајот од 2019-та завршил во топ 50 маратонци на полу-маратонот во Верона. Работи како детски тренер и верува дека ќе може да ги научи не само за фудбал.