Houston we have a problem

Поради два-три збора на менаџерот на Хјустон за Хонг-Конг, Кина влезе во војна со НБА

Додека неколку НБА франшизи периодов го освојуваа азискиот пазар и одиграа неколку пријателски средби таму, генералниот менаџер на Хјустон Рокетс напиша нешто за правата на Хонг-Конг и го навлече гневот на Кинезите.

Комесарот на НБА пред два дена зборуваше за сериозните планови лигата да се прошири и во Индија каде пред неколку дена две пријателски средби одиграа Сакраменто Кингс и Индијана Пејсерс.

Во исто време додека Адам Силвер стави рака на индискиот пазар, Хјустон пристигна во Токио каде го чекаат две предсезонски средби против Торонто Репторс кои ќе се играат во прекрасната арена „Саитама Супер“ која собира 36.000 гледачи.

КАКО ИЗБИ ПРОБЛЕМ?

Генералниот менаџер на Рокетс, Дерил Мори, на Твитер објавил пост за поддршка на Хонг Конг, чии граѓани водат жестоки борби со кинеската полиција.

Во Твитот стоел дел од флаерот: „Борба за слобода, биди со Хонг Конг“ и брзо бил отстранет од профилот, но веќе било доцна затоа што некои од Кина веќе го сочувале.

ШТО СЕ СЛУЧУВА МЕЃУ КИНА И ХОНГ-КОНГ?

Хонг-Конг не е Тајван, туку е легитимен дел од Кина од 1997 година кога Народна република Кина се изборила за суверенитет над својата историска територија која што на 99 години била под наем дадена на Британците (островот Хонг Конг бил под Велика Британија уште во средината на ХIX век).

До 2047 година Хонг Конг има широка автономија во рамките на курсот „Една земја, два системи“, но тоа не значи дека односите меѓу Хонг Конг и Кина се идеални. Напротив.

Од крајот на март годинава во Хонг Конг се одржуваат протести против мешањето на кинеската држава во автономниот регион. Се почнало со непријатниот закон за екстрадиција (Хонгконгците се плашат дека е смислен со цел Кина брзо да ги лови непослушните граѓани).

Демонстрациите набрзо престанале да бидат мирни. Законот привремено го стопирале (го опозвале), но протестите продолжиле: жителите на Хонг Конг бараат реформи, оставка на владата, предвремени избори, стоп на полициската репресија (и тоа каква!) и ослободување на политичките затвореници.

Последен пат во Хонг Конг било вака напнато пред 5 години, но актуелниве протести се уште пожестоки од револуцијата во 2014 година.

Конфликтот меѓу Кина и Хонг Конг има глобална важност, затоа што од неговиот исход може да се отвори Пандорината кутија со Тајван и другите полу-сателити. Кина се уште не сака да прати војска во Хонг Конг, затоа што е фокусирана на трговската војна со САД и се остава на локалната полиција.

Но проблемот не може да се реши сам од себе.

КАКВА ВРСКА ИМА ТОА СО ХЈУСТОН РОКЕТС И НБА?

Кина е главен пазар за НБА и воопшто за американската спортска експанзија. НБА има околу 180 милиони следбеници од Кина, а преку пола милијарда Кинези секојдневно гледаат преноси или емисии од НБА.

Пред една година лигата го продолжила договорот со медиумскиот гигант Tencent до 2025 година и НБА добила 1,5 милијарди долари за пет нови сезони соработка.

Последниот меч од финалето 2019 преку платформата Tencent го гледале 21 милион Кинези!

А Хјустон е втора најпопуларна франшиза во Кина, веднаш после Лејкерс и тоа благодарение на Јао Минг, кој играше за тимот од Тексас од 2002 до 2010 година и 8 пати се појави на Ол-Стар натпреварите. Во Кина тој важи за најценетиот спортист во историјата.

За Хјустон неодамна играше и младиот Центар Чу Џи, а пред него Американецот со кинеско потекло Џереми Лин.

Да не зборуваме за тоа што Џејмс Харден еднаш годишно оди во Кина во рекламната турнеја на Adidas и другите негови спонзори.

Рокетс целосно го користеа кинескиот пазар кој го отворија со Јао Минг. Одличните перпсективи на франшизата биле главна причина што гигантот Тилман Фертит лесно дал 2,2 милијарди долари за да го купи Хјустон во 2017 година.

Рокетс веќе одамна имаат специјални дресови со кинеските букви и дизајнирани за Кинеска нова година. Клубот има многу спонзори од Кина, повеќе од сите други НБА франчизи.

Барем така беше до пред некој ден.

КАКВА Е РЕАКЦИЈАТА НА КИНА НА ТВИТОТ НА МОРИ?

Соработката со Хјустон веќе ја прекинале:

- Шангајската банка SPDB
- компанијата за онлајн-финансии Jiayin Group
- еден од главните кинески играчи на пазарот за спортска опрема Li-Ning.

Набрзо Кинеската кошаркарска федерација објавила дека веќе нема да соработува со Хјустон Рокетс.

Рокетси веќе пет години по ред играа пред-сезонски натпревари против Шангај Шаркс, па така и минатиот четврток, пред твитот на Мори. Воглавном гигантот од САД славеше со по 40, 50, 70 разлика, но најглавно сметката им се полнеше.

А сега Кинеската кошаркарска федерација го осуди генералниот менаџер на Рокетси, Дерил Мори за „недопустлив однос кон Хонг Конг“.

А знаете кој е претседател на Кинеската кошаркарска федерација? Јао Минг.

А капак на се беше отворената поддршка за твитот на Мори од првата глава на НБА лигата, комесарот Адам Силвер за кого Кина тек сега ќе реагира.